/ Прочитано:

2.922

Министерство за финансии: Вкупните неплатени обврски на државните институции изнесуваат 363 милиони евра

Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска ги објави неплатените обврски на државните институции, со пресечен датум 31.5.2017.

Прегледот на неплатените обврски, појасни Тевдовски, е изработен врз основа на податоци што буџетските корисници, фондови, јавни претпријатија и општини ги доставија до Министерството за финансии. Затоа, рече Тевдовски, Министерството за финансии не може да ја гарантира нивната веродостојност.

Вкупните неплатени обврски заклучно со 31.5.2017 година изнесуваат 22 милијарди денари, односно 363 милиони евра. Буџетските корисници и фондови, заедно со локалните установи финансирани преку блок-дотации, имаат неплатени обврски во износ од 6 милијарди денари. Неплатените обврски на буџетските корисници изнесуваат 5,1 милијарда денари, на фондовите 30 милиони денари и на локалните установи финансирани преку блок-дотации 893 милиони денари.

Во рамките на буџетските корисници, најголемиот износ на неплатени обврски е во финансирање на дејностите од областа на културата во износ од 2,4 милијарди денари. Тука обврските се главно за изградбата на салата на Филхармонијата, Драмскиот театар, објектот „Мајка Тереза“ и Театарот во Велес.

Неплатените обврски на јавните здравствени установи изнесуваат 3,2 милијарди денари. Најголеми се во Институтот за трансфузиона медицина, Општата болница „8 Септември“ Скопје и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје.

Јавните претпријатија основани од РМ имаат неплатени обврски во износ од 6 милијарди денари. Најголеми се во МЖ-Транспорт, АД „Мепсо“ и АД „Македонија пат“.

Општините имаат неплатени обврски во износ од 4,6 милијарди денари. Во оваа сума недостига Општина Гостивар бидејќи не достави информации до Министерството за финансии. Општини со најголеми неплатени обврски се: Охрид, Тетово и Карпош.

Локалните претпријатија основани од општини имаат неплатени обврски во висина од 2,5 милијарди денари. Највисоки обврски имаат локалните претпријатија во Куманово, Охрид и Градот Скопје.

М.В