/ Прочитано:

2.447

Министерство за правда: Работна средба со претставниците на граѓанскиот сектор за Стратегијата за реформа на правосудниот сектор

Во просториите на Министерството за правда се одржа работна средба на претставниците на институциите од правосудниот и од граѓанскиот сектор, со претставниците на Работната група за изготвување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор со Акционен план.  Средбата ја отвори министерот за правда Билен Саљији, со покана за отворена и конструктивна дискусија и активна вклученост на сите чинители во правосудството.

Претседателката на работната група, проф. д-р Ана Павловска- Данева, накратко ја презентираше Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор, претходно електронски доставена до учесниците, која укажа дека во текот на подготовката биле земени предвид нивните забелешки и предлози, доставени во раната фаза на подготовка.  Дел од овие забелешки се вградени во Нацрт-стратегијата и во Акциониот план, а дел од нив ќе бидат во идните законски решенија.

Учесниците го поздравија начинот на подготовка и усвојување на Нацрт-стратегијата, ги поддржаа предложените решенија и дадоа дополнителни сугестии и предлози за нејзината содржина. Овој месец во Министерството за правда се одржа и вториот состанок на Советот за реформа на правосудниот сектор. И на овој состанок, пред членовите на Советот  беше презентирана Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

„Нацрт-стратегијата беше поздравена како добар стратешки документ, во кој се нотирани повеќето слабости на правосудниот систем со конкретни предлог-мерки. Членовите на Советот со конкретни забелешки даваа предлози за идно надополнување  и изменување на документот, кои ќе бидат разгледани од страна на работната група задолжена за подготовка на Стратегијата. Воедно, на состанокот беа поделени и Нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на РМ и Законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување постапка за утврдување на одговорност за судија, за кои Советот ќе се произнесе на наредната седница“, истакнаа од Министерството за правда.

М.В