/ Прочитано:

966

Министерство за правда: За две години спроведени се 99 надзори над извршителите

Министерството за правда врши редовен и вонреден надзор над работата на извршителите, односно Комората според месечен план за надзор, кој содржи листа на извршители над чија работа се врши надзор во текот на месецот.

Со измените и дополнувањата на Законот за извршување од декември 2018 година воведен е и вонреден теренски надзор над работата на извршителите и Комората на извршители по претставка од странка, трето лице или учесник во постапката, по барање на претседателот на суд, државен орган или правно лице, за конкретен предмет.

Во моментот во државата, канцеларии имаат 98 извршители.

Во 2018 и 2019 година, Министерството за правда изврши 99 надзори над работата на извршителите. Врз основа на констатираните состојби од извршените надзори, министерката за правда поднесе 26 предлози за поведување на дисциплинска постапка за дисциплинска одговорност на извршители до Дисциплинската комисија при Комората на извршители.

Од страна на претседателот на Комората на извршители, како овластен предлагач за поведување на дисциплинска постапка, во текот на 2018 и 2019 година биле поднесени 3 предлози за поведување на дисциплинска постапка, додека претседателот на основниот суд како овластен предлагач на дисциплинска постапка нема поднесено ниту еден предлог.

По поднесените предлози Дисциплинската комисија на Комората на извршители во 2018 и 2019 година изрече 8 дисциплински мерки парична казна, една дисциплинска мерка со која се изрекува писмена опомена, една дисциплинска мерка со која се изрекува јавна опомена, две дисциплински мерки со кои се изрекува трајно одземање на правото на вршење на должноста извршител и една дисциплинска мерка со која се изрекува привремено одземање на правото на вршење на должноста извршител во траење од шест месеци.

При изрекувањето на дисциплинските мерки трајно и привремено одземање на правото на вршење на должноста извршител, Дисциплинската комисија донела и две решенија со кои е изречена привремена забрана за вршење на должноста – суспензија.

Што се однесува до надзорите во 2019 година, досега Министерството за правда извршило вкупно 64 надзори, од кои 24 биле вонредни по претставка од трети лица. Од овие надзори, доставени се осум предлози за поведување на дисциплинска постапка.

Сите претставки доставени од граѓаните по протестот ќе бидат разгледани и ќе биде постапено по нив.

М.В