/ Прочитано:

2.573

Министерство за здравство: Скопските клиники под инспекциски надзор

Министерот за здравство Арбен Таравари информира дека е предвидено да се изврши надзор во сите универзитетски клиники, како и во други јавни здравствени установи низ државата. Контролите, како што појаснува министерот, се со цел да се увиди реалната состојба во установите и да се донесат конкретни мерки, доколку се забележат определени недостатоци.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, соопшти дека ненајавените инспекциски надзори во скопските клиники ќе продолжат и во текот на викендот, како и следната недела.

Во неговата пишана изјава до медиумите, Таравари информира дека е предвидено да се изврши надзор во сите универзитетски клиники, како и во други јавни здравствени установи низ државата. Контролите, како што појаснува министерот, се со цел да се увиди реалната состојба во установите и да се донесат конкретни мерки, доколку се забележат определени недостатоци.

Министерството за здравство претходно соопшти дека по насока на Таравари синоќа инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и претставници од неговиот кабинет извршиле вонреден инспекциски надзор во пет јавни здравствени установи во Клиничкиот центар во Скопје.

Надзорот покажал дека општата санитарно-хигиенска состојба  на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство не е на задоволително ниво, а медицинскиот отпад не се селектира прописно.

Утврдено било дека во Ургентниот центар, на Ортопедија и во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, општата хигиенско-санитарна состојба е релативно добра, за разлика од Трауматологија каде што општата хигиенско-санитарна состојба не е на задоволително ниво.

Од Министерството за здравство посочија дека веднаш преземаат мерки за отстранување на констатираните недостатоци.

Целта на надзорот, како што се наведува, е континуитет во одржување на општите санитарно-хигиенски и санитарно-технички услови во објектот, почитување на работното време, континуирана покриеност на приемните амбуланти за итни случаи, како и почитување на Законот за заштита од пушење, а по случаен избор се контактирани пациенти во однос на етички и професионален однос на здравствените работници.