/ Прочитано:

4.238

Министерството за економија му додели признание на ХТЦА – Тренинг центарот Академик за најдобар реализиран проект од областа на туризмот

Честитајќи им го Светскиот ден на туризмот – 27 септември, на традиционалната манифестација што ја организира Министерството за економија секоја година, министерот за економија, Крешник Бектеши, додели над 50 признанија за најуспешните поединци, здруженија и деловни субјекти од туристичкиот сектор, во повеќе различни категории, како: хотел, со поткатегориите: спа, градски, езерски, планински и нова инвестиција; ресторан; сместувачки капацитет од физичко лице; туристичка агенција генерално и агенција за дојдовен туризам; туроператори; манифестација; туристички водич, како и најдобар проект од областа на туризмот.

Во категоријата најдобар реализиран проект од областа на туризмот министерот за економија му додели признание на ХТЦА – Тренинг центарот Академик. Признанието ѝ беше врачено на извршната директорка на Тренинг центарот, Мајда Стошиќ.

Признанието доделено на ХТЦА говори за придонесот на Тренинг центарот во подигнувањето на стандардите на туризмот во Република Македонија. За првпат годинава, покрај туристичките работници преку своите деловни здруженија,  предлози за најуспешните во споменатите категории можеа да даваат и самите потрошувачи, поточно туристите, во согласност со распишаниот конкурс, кој траеше до 9 септември.

Министерот Бектеши им се заблагодари на сите чинители од стопанскиот, научниот и културно-општествениот живот во Република Македонија, кои на директен или индиректен начин со своето професионално дејствување имаат влијание врз развојот на туризмот во земјава.

„Минатата година ја завршивме со бројка од вкупно 998.841 туристи и 2,8 милиони ноќевања. Во првото полугодие од оваа година бројот на туристите е зголемен за 16,4 %, а само во јуни имаме зголемување на туристите за 20,7 %. Изразено во апсолутни бројки, во првото полугодие влегле вкупно 433.361 турист, односно имаме вкупно 923.855 остварени ноќевања. На прагот сме на своевиден рекорд од осамостојувањето до денес – до крајот на годината да ја надминеме бројката од 1 милион туристи и да оствариме 3 милиони ноќевања. Значи, наместо до 2020, ние предвреме ќе ја оствариме зацртаната цел“, истакна министерот Бектеши.

Според него, статистичките податоци се уште еден сигнал дека политиките се одлично поставени, но дека ќе мора уште да се работи бидејќи целите се многу поамбициозни.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, ги сподели со присутните резултатите од стратешките проекти и мерките за поддршка и туристичка промоција, кои се дел од надлежноста на оваа институција.

„Резултатите од досегашното работење направија македонскиот туристички производ да стане конкурентен на светскиот пазар, а со тоа и да се зголеми туристичкиот промет во државава. Порастот во бројот на туристи и ноќевања се одрази и во пораст на девизниот прилив од ставка туризам. НБРМ за првиот квартал од 2018 година регистрира пораст на девизниот прилив од туризам од 26,5%, споредено со истиот период лани. Очекувањата на АППТ за 2018 година се бројот на туристи да достигне до 1,2 милиони, 3,2 милиони ноќевања и девизен прилив до 24 милијарди денари. АППТ водејќи се од својата заложба за континуиран развој, унапредување и афирмација на туризмот, а имајќи ги предвид предностите и економската корист од развојот на оваа индустрија, инвестира и работи на реализација на програмски активности за да овозможи подобра и поефикасна туристичка понуда“, рече Јаневски.