/ Прочитано:

2.754

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за вршење на сметководствени работи во врска со уверенијата за сметководител

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за вршење на сметководствени работи. Цел на законските измени  е пропишување нов рок за поднесување на барање за замена на уверенијата за сметководител и овластен сметководител издадени од министерот за финансии кои го пропуштиле првиот законски рок во 2016 година.

Исто така, цел на предлог-законот е пропишување нов рок за упис во Регистарот на сметководители и овластени сметководители за лицата кои извршиле замена на уверенијата за сметководител и овластен сметководител, но не се запишале во соодветниот Регистар, како и намалување на бројот на часови за континуирано професионално усовршување.

Како опис на проблемот, од Министерството за финансии посочуваат дека сметководителите и овластените сметководители кои имаа добиено уверенија од министерот за финансии можеа до 15.12.2016 година да поднесат барање за нивна замена до Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија.

Дел од нив, посочуваат од Министерството, од различни причини не ги замениле уверенијата, односно го пропуштиле рокот и не можат да вршат сметководствени работи. Според податоците на Институтот, велат од Министерството, 1.726 сметководители односно овластени сметководители кои ги замениле уверенијата, во рок од 60 дена во согласност со законот, не поднеле посебно барање за запишување во соодветните регистри во Институтот и немаат право да вршат сметководствени работи.

„Од реакциите на сметководителите и овластените сметководители, се утврди дека пропишаниот број часови за континуирано професионално усовршување на годишно и тригодишно ниво е преобемен и претставува дополнителен финансиски товар за сметководителите и овластените сметководители“, истакнуваат од Министерството.

М.В