/ Прочитано:

1.562

Министерството за финансии во врска со реформите и јавните финансии

Преку реформи на даночниот, пензискиот, социјалниот систем, системот на јавни набавки, фискалната транспарентност, спречувањето на перење пари, како и менаџирањето на јавниот долг во 2018 година има значително подобрување во јавните финансии во земјава, се вели во соопштението на Министерството за финансии.

„Станува збор за сет од 10 крупни реформи направени годинава. Тие ќе придонесат за постепено намалување на буџетскиот дефицит, контрола над јавниот долг, намалување на дефицитот во ПИОМ, сервисирање на наследените обврски и спречување на создавање нови, подобро насочување на социјалните трансфери до оние на кои им се потребни и поголема фискална транспарентност.

Со даночната реформа направена годинава ќе се обезбеди фер даночен систем и постепена фискална консолидација. Пензиската реформа, пак, ќе го стабилизира ПИОМ и ќе го намали дефицитот во Фондот. Направена е и реформа на социјалниот систем. Таа ќе овозможи гарантиран минимален приход, подобро таргетирање на социјалните трансфери, како и повеќе средства за најранливите категории“, се вели во соопштението.

Јавниот долг е ставен под контрола, системски е пристапено кон решавање на заостанатите обврски и направен е закон и платформа за задолжителна евиденција на заостанатите обврски од страна на институциите, општините, фондовите.

„Годинава преку новиот Закон за јавни набавки системот за јавни набавки е усогласен со европските стандарди. Со тоа ќе се овозможи поголема ефикасност и транспарентност во јавните набавки. Борбата против корупцијата се спроведува преку донесените мерки за спречување перење пари. Направен е нов закон, како и стратегија со НБРМ за безготовински плаќања. Подобрена е и функционалноста на системот за јавни финансии. Воведена е претпополнета годишна пријава, електронски систем за царинско работење и многу други мерки од кои директен бенефит ќе имаат граѓаните и фирмите. Континуирано се работи на подобрување на фискалната транспарентност, како најдобар механизам за контрола на управувањето на јавните финансии. Граѓанскиот буџет доби веб-платформа, континуирано се објавуваат голем број на извештаи кои имаат и квалитативно подобри податоци. Наскоро и исплатите од трезорот ќе бидат достапни до широката јавност преку веб-платформа“, се вели со соопштението на Министерството за финансии.

М.В