/ Прочитано:

923

Министерството за финансии во врска со законските измени за супервизија на осигурување и за финансиската полиција

Осигурителните компании ќе бидат обврзани, во рок од 5 дена, сите измени кои ги прават во општите и посебните услови на полисите за осигурување да ги објават на својата веб-страница.

„Ова е предвидено со предлог-измените на Законот за супервизија на осигурување, кој вчера влезе во собраниска процедура. Целта на измените е заштита на правата на потрошувачите. Дополнително, се зајакнува сигурноста и стабилноста на друштвата. Досегашното искуство во примената на Законот и најдобрите меѓународни практики покажаа дека предвидените стандарди за соодветност има потреба да се зајакнат од аспект на искуство, знаење, репутација и финансиски капацитет на акционерите и органите на давателите на осигурителни услуги. Со пропишаните измени дополнително се пропишуваат фит анд пропер критериуми кои треба да ги исполнуваат лицата кои можат да станат акционери и членови на органите на управување и надзор во друштвата кои даваат услуги во областа на осигурувањето. Вакви критериуми за соодветност се пропишуваат и за овластените актуари, осигурителни брокери и застапниците во осигурувањето“, информираат од Министерството за финансии.

Од особена важност за осигурителната фела, додаваат од Министерството, поточно за актуарската професија е предложената измена во Законот со која се предвидува нов концепт за полагање на испитот за актуар. Досегашниот електронски начин на полагање се покажа како неприменлив во пракса. Испитот за актуар сега ќе се полага писмено.

Од Министерството за финансии посочуваат и дека во собраниска процедура влегоа предлог-измените на Законот за финансиска полиција. Со измените се воведуваат независни механизми за контрола на работата на лицата со полициски овластувања.

„Ова е во согласност со новите измени на Законот за јавно обвинителство, со кои е предвидено да се формира ново одделение за истражување и гонење на кривични дела во рамките на ОЈО.

Одделението ќе истражува дела сторени од лица со полициски овластувања.  Оваа одредба има цел да обезбеди непристрасност и објективност во постапувањето во случаи кога постои сомнение дека се сторени кривични дела од страна на лицата со полициски овластувања. Со измените на Законот се зајакнуваат и надлежностите на директорот на Финансиската полиција.

Ќе се воведе и приправнички стаж за овластените службени лица,  по кој ќе полагаат стручен испит. Со ова се постигнува обезбедување на професионално, политички неутрално и непристрасно работење на овластени службени лица при нивното вработување. Пред потпишување на договор за работа службениците ќе подлежат и на безбедносна проверка“, информираат од Министерството за финансии.

М.В