/ Прочитано:

3.999

Министерството за информатичко општество и администрација за Регистарот на вработените во јавниот сектор

Од 1.302 институции во Македонија, 197 институции немаат побарано согласност од МИОА и немаат активна систематизација, а 150 и покрај одобрената систематизација не внесувале податоци во Регистарот, велат од Министерството за информатичко општество и администрација.

За останатите институции, нагласува министерот за информатичко општество и администрација, постојат сериозни индиции дека голем број податоци не се уредно пополнети.

„МИОА во моментов прави проверка на сите институции поединечно. Тоа што може да се заклучи од досегашната проверка е дека се работи за поголем проблем со податоците за вработените во јавниот сектор од тоа што беше очекувано“, вели Манчевски.

МИОА до Државната изборна комисија доставило податоци за вработените во јавниот сектор што не се внесени во Регистарот на начин и постапка која е со закон предвидена. Податоците се добиени како резултат на вкрстување на базите на податоци од повеќе различни институции. Податоците што се доставени до ДИК се однесуваат на 115.729 вработени во јавниот сектор. Оваа бројка, посочуваат од МИОА, не е официјална и не ја претставува реалната слика.

Проблемот во Регистарот се рефлектира и на Годишниот извештај на вработени во јавниот сектор. Како резултат на непотполниот Регистар, Годишниот извештај за 2016 година е подготвен врз основа на податоците од повеќе државни институции, како што се Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за финансии. МИОА, вели Манчевски, работи на надминување на проблемот со цел што поскоро да имаме функционален регистар.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека според Изборниот законик МИОА до ДИК доставува список со податоци за актуелно вработените, од кој потоа по случаен избор, преку ждрепка, ДИК ги формира избирачките одбори и комисии за потребите на локални, парламентарни и претседателски избори или референдуми.

Законот, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не прецизира од каде и од кои регистри се прибираат податоците, па од тие причини досега МИОА ги вкрстуваше податоците од регистарот на вработени (кој е нововоспоставен регистар и кој согласно Законот за вработените во јавниот сектор, институциите имаат законска обврска сами да го пополнуваат), со податоците од регистрите на АВРМ, ФЗОМ, МФ, ЦР и ФПИОМ, и на тој начин до ДИК праќаше ажуриран, проверен и целосно точен список што ја одразуваше точната состојба на законски утврден датум.

М.В