/ Прочитано:

1.053

Министерството за култура подготвува измени на Законот за авторското право и сродните права

Министерството за култура подготвува измени на Законот за авторското право и сродните права. Законот, посочуваат од Министерството, од 2010 година досега е менуван и дополнуван три пати – во 2013, во 2015 и во 2016 година. Досегашната имплементација на Законот покажа дека моделот утврден во постојниот Закон го отежнува функционирањето на системот на колективното управување со наметнување на несоодветни обврски, надлежности и процедури, од една страна, а од друга страна отсуствува регулирањето на прашања битни за ефикасно и соодветно колективно управување.

„Проблем преставува и фактот што во постојните одредби кои се однесуваат на колективното управување, во голем дел, не се земени предвид и не се соодветно транспонирани одредбите од Директивата 2014/26/ЕУ за колективното управување на авторското право и сродните права. Исто така, потребно е Законот да се хармонизира со Директивата 2011/77/ЕУ за изменување на Директивата 2006/116/ЕУ за времетраењето на заштитата на авторското право и сродните права и со Директивата 2012/28/ЕУ за дозволено користење на делата сираци“, велат од Министерството.

„Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права ќе се создадат нормативни основи за остварување на ефикасен и рационален систем на колективно управување со авторското право, односно сродните права и ќе се поттикне колективното остварување на повеќе видови права“, образложуваат од Министерството.

М.В