Министерството за правда ќе подготвува Закон за надоместок на жртвите од кривични дела
Денеска се одржува вториот ден од меѓународната конференција на високо ниво во рамките на Регионалниот стратешки дијалог за борба против недозволената трговија. Клучната порака што ја испрати министерката Дескоска во денешното обраќање е дека Министерството за правда планира изготвување на Закон за надоместок на жртвите од кривични дела.
Министерката Дескоска ги презентираше предизвиците со кои се соочуваме како држава во поглед на недозволената трговија, и го презентираше институционалниот одговор против ваквата трговија – активностите што ги презема Владата на Република Македонија во справувањето со сите облици на недозволена трговија.
Според министерката, недозволената трговија претставува комплексен проблем, кој во себе вклучува голем број сегменти, како што се: трговијата со луѓе и мигранти, недозволената трговија со оружје, дроги и културни добра и слично.
Во таа насока, министерката истакна дека во нашиот правен систем се вградени сите механизми за успешно справување со организираниот криминал, како: заштитата на сведоци, одговорноста на правните лица, проширената конфискација, посебните истражни мерки и други бројни алатки кои им ја олеснуваат работата на органите на прогонот.
„Не смееме да ја заборавиме и другата страна на овој вид криминал, посебно кај трговијата со луѓе, а тоа се жртвите. Би сакала да ве информирам дека во Министерството за правда е планирано изготвување Закон за надоместок на жртвите од кривични дела. Исто така, во измените на Кривичниот законик, кои се во тек, во согласност со препораките на ГРЕТА вградуваме одредби за неказнување на жртвите од трговија со луѓе за сторени дела поврзани со нивната позиција на жртва“, потенцираше Дескоска.
Регионален стратешки дијалог за борба против недозволената трговија
М.В