/ Прочитано:

1.699

Министерството за правда на Србија го прифатило, но потоа го повлекло решението за екстрадицијата на Даравелски

„Вчера бевме известени дека барањето е прифатено, има решение и Даравелски ќе биде екстрадиран. Подоцна дојде информацијата дека српското Министерство за правда го повлекло решението за екстрадиција“, појасни министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Драган Даравелски

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, информира дека, врз основа на барање на Интерпол Скопје, Драган Даравелски, кој беше уапсен во Србија, треба да биде екстрадиран во Македонија, но Министерството за правда на Србија го повлекло решението за екстрадиција.

„Вчера бевме известени дека барањето е прифатено, има решение и Даравелски ќе биде екстрадиран. Подоцна дојде информацијата дека српското Министерство за правда го повлекло решението за екстрадиција“, појасни Спасовски.

Неколку медиуми, кои вчера стапиле во контакт со Министерството за правда на Србија, добиле одговор дека Даравелски ја искористил можноста за жалба и нема да биде екстрадиран сѐ додека не се одлучи по жалбата.

Врз основа на Договорот за екстрадиција помеѓу Република Македонија и Република Србија од 2012 година, државите договорнички се обврзуваат дека, под условите предвидени со овој договор, по молба, една на друга ќе ги екстрадираат лицата кои, во државата што бара екстрадиција, се гонат поради кривично дело или се бараат за извршување на казна затвор или за извршување друга мерка која вклучува одземање на слободата, во согласност со правото на државите договорнички.

Поранешниот прв цариник, Драган Даравелски, беше уапсен завчера од страна на Министерството за внатрешни работи на Србија, потврди македонското МВР.

Поранешниот цариник се товари дека во времето додека бил директор на Царинската управа ја злоупотребил службената положба.

Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, во 2007 година во отсуство беше осуден на казна затвор во траење од седум години.