/ Прочитано:

3.149

Министерството за правда подготвува нов Закон за Академијата за судии и јавни обвинители

Со Предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители, посочуваат од Министерството за правда, се врши негово усогласување со насоките содржани во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и со препораките дадени од страна на релевантните меѓународни институции.

„Основната цел на Законот е ревидирање на начинот на селекција и полагање на приемниот и завршниот испит пред стручна комисија, врз основа на мерливи и објективни критериуми за проценка на знаењето на кандидатите“, велат од Министерството.

Со постојниот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители се основа и се уредува работењето на Академијата како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Цел на основање на Академијата е да обезбеди професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавнообвинителската функција, како и стручно и ефикасно извршување на работите на стручните служби во судството и јавното обвинителство.

Што се наведува во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година во делот за Академијата

„Македонија е држава во која влезот во судската и обвинителската професија не е детерминиран со никакво претходно работно, а со тоа и животно искуство во правната струка на идните судии и јавни обвинители, туку единствено е условен со поседување диплома од завршени правни студии, положен правосуден испит и задолжителна т.н. почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители. Ова е причината што во Македонија постои законска можност, а за жал станува и практика, лица на многу млада возраст да станат судии, а нивни стручни соработници да бидат правници со положен правосуден испит кои имаат работен стаж во судството поголем од животниот век на новоизбраниот судија.

Македонија е единствената држава во која Академијата за судии и јавни обвинители има единствена одлучувачка улога за тоа кои ќе бидат идните судии и јавни обвинители во државата. Во оваа насока таа како институција е позначајна и помоќна и од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители при изборот на судии и јавни обвинители. Кога станува збор за избор на судии во основните судови, всушност Судскиот совет има само формална улога и значење, а фактичката моќ на одлучување е сконцентрирана во Академијата“, се вели во Стратегијата.

Во минативе десет години, се додава во Стратегијата, праксата покажа бројни примери каде што ваквото законско решение е лошо и ги оправдува целите на законодавецот – не се зголемува транспарентноста при приемот на нови судии и јавни обвинители, не се гарантира прием на најквалитетните кадри (имаше и периоди кога никој не се пријавуваше на огласите на Академијата), испитите се компјутеризирани и стандардизирани што е сосем несоодветен начин за тестирање на знаење на иден судија или јавен обвинител, се спречува влез во судскиот систем на искусни и докажани правници од областа на адвокатурата или од редот на универзитетските професори, стручните соработници во судовите и сл.

„Во иднина не би смеело да се остави Академијата да биде единствен филтер за влез на нови судии и јавни обвинители во правосудниот систем.

Затоа се предлага на мал дел од идните судии и јавни обвинители да им биде алтернативен влез во судската и јавнообвинителската професија, при што после нивниот избор тие би посетувале куса почетна обука која ќе ги опфати спецификите на професијата.

Што се однесува до континуираната обука на судиите и јавните обвинители како дејност на Академијата за судии и јавни обвинители, нејзината цел треба да биде одржување на нивната интелектуална и стручна кондиција, надградување со нови знаења и вештини, совладување на измените на законите, како и секоја нова регулатива од областите во кои судат и работат, стимулирање на меѓународната размена на искуства и сл., со еден збор, спречување на нивното професионално стареење“, се вели во Стратегијата.

Составот на членовите на органите на управување и раководење, како и критериумите за нивниот избор, се додава понатаму во Стратегијата, задолжително треба да претрпи измени бидејќи најголемите недоследности во нивната работа се воочени токму заради лошите законски одредби чија примена овозможува бројни манипулации.

„Решението за излез од наведената состојба би требало да биде законското утврдување за тоа дека одреден процент на новопримени судии да можат да се избираат од редот на искусните правници, а за останатите да важат правилата за избор во судии преку посетување на задолжителна почетна обука во Академијата.

За поквалитетно и поефикасно функционирање на Академијата потребно е нејзино кадровско и техничко доекипирање проследено со обезбедување на соодветни просторни услови“, се истакнува во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година во делот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Прифатен Годишниот извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022

Усвоен Првиот годишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор

Советот за Стратегијата за реформи на правосудниот сектор: Потребна е реформа на Академијата за судии и јавни обвинители

Формиран Советот за следење на имплементација на Стратегијата во правосудството 2017 – 2022

Усвоена Стратегијата за реформи во правосудниот сектор

М.В