/ Прочитано:

701

Министерството за правда за најновиот извештај на ЕК

Најновиот извештај на Европската комисија повторно со позитивна оценка за реформите во правосудството. Во него е наведено дека државата испорача опипливи резултати, со посебен фокус на судските реформи и проактивните истраги, кривичното гонење и правосилните пресуди за случаи за корупција и организиран криминал, вклучувајќи и случаи на високо ниво.

Во извештајот е нотирано дека „постои значителен напредок остварен при зајакнувањето на независноста на судството.“ За својата констатација извештајот се повикува на Венецијанската комисија: „Властите беа конзистентни во своите напори да ги усогласат законите кои се однесуваат на правосудниот систем во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.“

Наведено е и дека Северна Македонија ја засили имплементацијата на реформите предвидени во Стратегијата за реформи во правосудниот систем, во која се адресираат препораките од „Итните реформски приоритети“, препораките на Венецијанската комисија и препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото.

Се бележи дека серија на законски измени и нови закони следуваа почнувајќи од јули 2018 година, како Кривичниот законик, Законот за судовите, Законот за Судскиот совет, Законот за Советот на јавни обвинители, Законот за прекршоци, Законот за управни спорови, Закон за нотаријатот, Закон за извршување и Законот за бесплатна правна помош.

Во извештајот е нотирано дека имплементацијата на новата законска рамка е во тек, а дека реформите обезбедуваат зголемена транспарентност во именувањето на судиите, дека се воведени нови и зајакнати критериуми за оценување на судиите и дека е зголемена одговорноста на судиите и членовите на Судскиот совет.

„Судскиот совет игра поголема проактивна улога и во заштитата на независноста на судиите, но и во примената на подобрените правила за дисциплинска одговорност. Oд јули 2019 година, разрешени се шест судии, вклучувајќи го претседателот и двајцата судии од Врховниот суд, како и тројца други судии (вклучувајќи го поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје). Одземен е имунитетот на судија од Управниот суд во 2019 година, како и за еден од членовите на Судскиот совет осомничен за измама во декември 2019 година“, стои во извештајот.

Европската комисија цени дека државата остварила успех донесувајќи го новиот Закон за јавното обвинителство, а главната цел на новиот закон, според Комисијата, е „да обезбеди одговорност за сторените прекршувања на законите и целосно затворање, до правосилна судска пресуда, на случаите кои ги отпочна СЈО.“

Воедно, извештајот позитивно говори и за инспекцискиот надзор над примената на АКМИС-системот, но и за усвојувањето на новиот Закон за управување со движењето на предметите во судовите, со кој се отстрануваат посочените недостатоци од инспекцискиот надзор.

Наодите во последниот извештај се потврда за заложбите на Министерството за правда да го реформира судството преку исполнување на сите препораки на Венецијанската комисија и други релевантни меѓународни организации или експерти. Доследната имплементација на законите, која ќе биде предмет на мониторинг, полека, но сигурно ќе ја врати довербата во правосудството.

Компаративна анализа на извештаите на Европската комисија – „Датум за реформи“

Институтот за европска политика: Препораката неспорна, датумот неизвесен

Коментари за Извештајот на Европската комисија во однос на правосудството, економијата и социјалната политика

Европската комисија препорача започнување на преговорите

Заклучоци од конференцијата „Поглавјето 23: македонското сидро или едро“

Коментар на ЕПИ за заклучоците на Советот на ЕУ: Најава за почеток на еден долг пат

Извештајот на Европската комисија  за независноста, стручноста и квалитетот на правдата во правосудството

Коментари по повод Извештајот на Европската комисија за Република Македонија

М.В