/ Прочитано:

2.291

Министерството за труд и социјална политика подготвува измени на Законот за заштита на децата и на Законот за социјалната заштита

Предложеното изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, велат од Министерството за труд и социјална политика, е заради олеснување на постапката кај користењето на правото на посебен додаток со интервенирање во одредби од Законот за заштита на децата, со тоа што кај правото на посебен додаток, за дете кое има остварено право на посебен додаток и кое е со траен наод, за наредната година да не се поднесува барање за продолжување на правото на посебен додаток.

„Потребата од донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата произлезе од практиката и по барање на родителите заради олеснување на постапката пред првостепените органи, центрите за социјална работа, при продолжувањето на правото на посебен додаток за дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот, за кое наод, оцена и мислење за потребата од остварување на посебен додаток дава стручен орган за оцена на видот и степенот на попреченоста на лицата во менталниот или телесниот развој, и кое е со траен наод“, посочуваат од Министерството.

Во врска со измените на Законот за социјалната заштита, од Министерството истакнуваат дека со предлогот на Законот се допрецизираат, односно дополнуваат одредбите, со цел подобрување на помошта и заштитата на лицата кои имаат потреба од помош за задоволување на основните животни потреби и изедначување на нивните можности за вклучување во секојдневниот живот во заедницата.

„Во системот на социјалната заштита се констатира дека одредени решенија значат оптоварување за граѓаните во обезбедување на соодветна документација при поднесување на барање, особено за остварување на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице. Во однос на ова право, како и за додатокот за слепило, мобилност и глувост во постојниот закон, предвидено е дека овие надоместоци се лимитирани со висината на личните приходи на лицето, така што граѓаните чијшто годишен нето-приход по сите основи изнесува повеќе од вкупниот годишен износ на просечни нето-месечни плати исплатени за секој месец за претходната година се доведуваат во нееднаква положба со граѓаните со пониски приходи и се оневозможени да ги остварат правата по основ на личната состојба и потреба од помош. Евидентна е потребата да им се овозможи на родителите на деца со телесни или ментални пречки во развојот и со најтешки облици на хронични заболувања да користат право на надоместок на плата за скратено работно време“, образложуваат од Министерството.

М.В