Министерството за труд и социјална политика подготвува нов модел за остварување бенефициран стаж
Примената на новиот концепт за бенефициран стаж треба да започне по една година, а според ресорната министерка, Мила Царовска, ваквиот нов модел за предвремено пензионирање на вработени кои имаат специфични и опасни професии треба да овозможи да се надминат одредени нелогичности во постојниот систем. Таа појасни дека новиот концепт кој е во подготовка подразбира дефинирање на возраст за пензионирање и процент на поминати години на работно место со бенефициран стаж.
Министерството за труд и социјална политика подготвува нови критериуми за пензионирање, според кои повеќе од 41.000 работници кои имаат прекин во бенефицираниот стаж, а кои ќе ги исполнуваат новите критериуми, ќе можат да остварат право на пензија од идната година.
Примената на новиот концепт за бенефициран стаж треба да започне по една година, а според ресорната министерка, Мила Царовска, ваквиот нов модел за предвремено пензионирање на вработени кои имаат специфични и опасни професии треба да овозможи да се надминат одредени нелогичности во постојниот систем. Таа појасни дека новиот концепт кој е во подготовка подразбира дефинирање на возраст за пензионирање и процент на поминати години на работно место со бенефициран стаж.
Само вака, како што рече Царовска, може да се надмине сегашната состојба според која рудар на 65 години не може да оди во пензија ако нема поминати 30 години на исто бенефицирано работно место. Имено, како што дополни министерката, по законската измена во 2007 година, на рударите им се дава можност да одат во пензија со 55 години, но како што рече, само доколку 30 години остваруваат стаж на исто работно место со ист бенефициран стаж. Во согласност со новиот концепт за бенефициран стаж, ако се дефинира овие работници да одат во пензија на возраст од 55 години, ќе треба да имаат остварено и одреден процент (80 отсто) од работниот стаж поминат на работни места со бенефициран стаж.
„Ќе се направи ревизија на досегашниот систем за утврдување на работни места со бенефициран стаж, а ќе се направи и регистар на ризични професии со различна оптовареност. Во него треба да биде назначено кои се работниците кои имаат поризични професии што треба да одат предвремено во пензија, а за кои професии се утврдуваат посебни мерки за заштита. Сега почнуваме со вистинска подготовка Македонија да може да утврди ризични професии и систем на предвремено пензионирање, со што ќе им вратиме дел од правата на работниците коишто и досега биле во овие ризични професии, но не можеле да си ги остварат“, објасни Царовска.
Ќе се формира и Комисија за утврдување бенефициран стаж, која во согласност со законот требало да се формира уште во 2012 година. Целтa, како што потенцираше министерката Царовска, е да се заштитат правата на работниците кои во согласност со постојните законски решенија влегуваат во ризични професии.
Таа очекува измените на Законот за пензиско осигурување, во кој е дефинирана и оваа проблематика, да бидат трајно решение за кое поддршка ќе даде и опозицијата.
Инаку, во Македонија има точно 28.452 работници со непрекинат бенефициран стаж на исто работно место и уште 41.161 работници кои работеле на ризични места со бенефициран стаж, но со прекини, поради што тие, а во согласност со постојната законска регулатива, не можат да одат во пензија.
Бенефициран стаж добиваат лица кога работодавачот ги презел сите мерки за заштита, но и покрај тоа, работата предизвикува опасност по нивното здравје, како што се рударите, работници во топилница, лица кои поради намалување на физиолошките функции на организмот не можат да ги извршуваат професиите, како балерини, пилоти, играчи и инвалидни осигуреници.
Бенефициран стаж имаат и вработени во одредени јавни служби, како итна медицинска помош, возачи на јавен градски превоз, нуркачи, а со посебни закони е утврден бенефициран стаж за полицајците, припадниците на АРМ и пожарникарите. За градежните работници во Македонија има бенефициран стаж, но доколку работат во пробивање тунели.
Инаку, со бенефицираниот стаж за секоја година стаж на осигурување се пресметува зголемување од 2, 3, 4, 5 или 6 месеци, односно за 12 месеци стаж се пресметуваат 14,15, 16, 17 и 18 месеци.
A. Б.