Министерството за здравство и МВР ќе ги спојуваат здравствените картички и личните карти
Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека е можно распишување тендер за избор на фирма која ќе печати нови електронски здравствени картички (ЕЗК) поради тоа што на поголем број од граѓаните картичките им се неважечки, а дел ги немаат добиено.
„Сакавме ова да го решиме така што картичката ќе биде три во едно, односно лична карта, возачка и здравствена картичка во едно. Но од МВР ме информираа дека технички е возможно заедно да бидат само лична карта и здравствена картичка. Така што, тоа ќе го направиме, но тоа ќе биде процес кој ќе трае во наредните две до три години. Дотогаш ќе мора да печатиме нови картички“, вели Таравари, кој денеска ќе има состанок со директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија на кој ќе стане збор за начините за надминување на проблемот со ЕЗК.
Укинување на приоритетниот упат и воведување итен упат, исто така, е опција што ја најави министерот за здравство Арбен Таравари на средба со новинари.
Голем број приоритетни упати се злоупотребуваат, смета министерот. Итен упат ќе може да се издаде само за фиксни дијагнози, како што се на пример мозочен удар, тумор на мозок, посериозни компликации.
Осврнувајќи се на Националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“, Таравари посочува дека ги добиле предлозите од сите клиники за времетраење на прегледот. Во следниот период таму каде што треба ќе се зголеми времетраењето на прегледот.
М.В