/ Прочитано:

2.177

Министерството за животна средина најави нов закон за контрола на емисиите од индустриските капацитети

Со донесување на новиот закон за контрола на емисиите од индустриските капацитети, правилата во одредени индустрии ќе бидат многу построги. Во некои индустриски сектори ќе има големи промени кои, пред сѐ, ќе се однесуваат на максимално дозволените концентрации на емисиите на гасови и материи. На пример, во енергетскиот сектор ќе се воведат построги максимално дозволени концентрации на емисии. Сепак, сето ова се однесува на индустриите кои поседуваат А интегрирана еколошка дозвола, додека помалите капацитети кои имаат дозвола од типот Б не подлежат на директивата и тие не се обврзани да ги следат одредбите кои ќе произлезат од новиот закон.

Министерството за животна средина и просторно планирање очекува во текот на 2018 година да стапи во сила новиот закон за заштита на животната средина од емисиите на гасови од индустриските капацитети во кој целосно ќе биде применета директивата на Европската Унија за интегрирано спречување и контрола на загадувањето (IPPC). Со новата регулатива ќе се воведат построги критериуми за компаниите. Нацрт-законот ќе биде презентиран на 14 март во просториите на Стопанската комора на Македонија каде што ќе може сите заинтересирани страни да се информираат за новините што ги носи ова законско решение.

Советникот во Министерството за животна средина, Беса Татеши, истакна дека Директивата за интегрирано спречување и контрола на загадувањето, која е во сила во земјите на Европската Унија од 2008 година, во нашата национална легислатива, односно во Законот за животна средина е потполно транспонирана и тоа во поглавјата 12 и 14 кои се однесуваат на интегрираните еколошки дозволи и дозволите за усогласување со оперативниот план.

„Во нашиот Закон за животната средина, за интегрираното спречување и контрола на загадувањето постојат два типа дозволи, А и Б и тие се донесуваат на капацитетот на производство на секоја инсталација. Поголемите капацитети се дефинирани како капацитети А и за нив дозволите се издаваат од Министерството за животна средина. Помалите индустриски капацитети се издаваат од општината на локално ниво, но за жал, треба зајакнување на капацитетите во локалната самоуправа, бидејќи секоја општина нема човек кој се занимава со проблематиката на животната средина. Во согласност со законот, односно дефинициите за тоа што се постојни и што се нови инсталации, законската регулатива е многу прецизна. Имено, инсталацијата, односно индустриската компанија која започнала со работа пред 2007 година се смета за постојна или тоа се стари инсталации, а оние што започнале со работа по 2007 година, во согласност со законот, се дефинираат како нови. Досега на национално и на локално ниво се издадени 320 интегрирани еколошки дозволи. Од типот А се издадени 120 дозволи од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, а преостанатите 200 се од типот Б и нив ги издале општините“, истакна Беса Татеши, советник во Министерството за животна средина.

Таа информираше дека со донесување на новиот закон за контрола на емисиите од индустриските капацитети, правилата во одредени индустрии ќе бидат многу построги.

„Во некои индустриски сектори ќе има големи промени кои, пред сѐ, ќе се однесуваат на максимално дозволените концентрации на емисиите на гасови и материи. На пример, во енергетскиот сектор ќе имаме построги максимално дозволени концентрации на емисии. Сакам да истакнам дека ова се однесува на индустриите кои поседуваат А интегрирана еколошка дозвола, додека помалите капацитети кои имаат дозвола од типот Б не подлежат на директивата и тие не се обврзани да ги следат одредбите кои ќе произлезат од новиот закон“, истакна Татеши.

Со примена на новата законска регулатива се очекува индустриските капацитети да направат и одредени инвестиции за да може да ја усогласат работата со новиот закон.

„Ќе треба да се направат одредени инвестиции со цел да се почитуваат построгите правила коишто ги наложува оваа директива. Инвестициите ќе бидат за технички документи и за извештајот којшто мора да го прават индустриските капацитети, а од страна на администрацијата, трошоците ќе се сведат само на ажурирање на дозволите коишто треба да бидат во согласност со директивата“, посочи постојаниот твининг советник при Австриската агенција за екологија, Клеменс Конрад. 

Инаку, во меѓувреме се прави и детална анализа за економското влијание на новата директива, така што по добивањето на извештајот, како што посочи Татеши, ќе има прецизни информации за тоа колку новата директива, односно новиот закон којшто треба да стапи во сила следната година, ќе ги чини и Македонија и самите индустриски капацитети.

А. Б.