/ Прочитано:

3.000

Министерството за животна средина најави суштински измени во законската регулатива за управување со отпадот

„Она што е многу важно е промената во хиерархијата на управувањето со отпад. Ако порано беше рециклирај, реупотреби за енергија, па депонирај, сега ќе биде намали отпад, рециклирај, реупотреби за енергија, па депонирај. Нашата цел е создавањето отпад да се сведе на што помало количество и затоа веќе се прават програми, т.н. планови за превенција – новина што веќе е имплементирана во законодавството на Европската Унија. Не треба да чекаме, односно да размислуваме што ќе правиме со отпадот откако веќе сме генерирале огромни количества отпад. Исто така, ќе има промени и во однос на издавањето на дозволите. Ќе бидат утврдени минималните технички услови што ќе треба да ги исполнуваат правните лица за да се занимаваат со управување со отпадот, а ќе се работи и на подобрување на стандардите во делот на управувањето со отпад“, истакна Каранфилова Мазневска.

отпад

Македонија подготвува нова законска регулатива за управување со отпадот, која ќе биде целосно усогласена со новата Директива на Европската Унија за управување со отпад 2008/98 и со Регулативата 333/2011, а која ќе се реализира преку твининг-проектот за спроведување на Рамковната директива за отпад и директивите за посебни текови на отпад.  

Ана Каранфилова-Мазневска, раководител на Секторот за управување со отпад при Управата за животна средина, истакна дека со новата законска регулатива се предвидуваат мерки за намалување на генерирање на отпадот.

Она што е многу важно е промената во хиерархијата на управувањето со отпад. Ако порано беше рециклирај, реупотреби за енергија, па депонирај, сега ќе биде намали отпад, рециклирај, реупотреби за енергија, па депонирај. Нашата цел е создавањето отпад да се сведе на што помало количество и затоа веќе се прават програми, т.н. планови за превенција – новина што веќе е имплементирана во законодавството на Европската Унија. Не треба да чекаме, односно да размислуваме што ќе правиме со отпадот откако веќе сме генерирале огромни количества отпад. Исто така, ќе има промени и во однос на издавањето на дозволите. Ќе бидат утврдени минималните технички услови што ќе треба да ги исполнуваат правните лица за да се занимаваат со управување со отпадот, а ќе се работи и на подобрување на стандардите во делот на управувањето со отпад. Новиот Закон за управување со отпадот предвидува измени и во однос на тоа кога отпадот престанува да биде отпад, односно кога имаме секундарна суровина, и кој утврдува дали тоа ќе биде секундарна суровина или ќе биде отпад, и ќе се третира во рамки на регулативата којашто се однесува на управување со отпадот“, истакна Каранфилова-Мазневска.

Таа нагласи дека Управата за животна средина веќе подготвува програма за затворање на т.н. диви, односно нестандардизирани депонии, кои не ги исполнуваат техничките услови за да аплицираат и да добијат дозвола за стандардизирана депонија.

„Во моментов се прави програма за затворање на дивите депонии и за отворање на регионални депонии. Во Источниот и Североисточниот Регион веќе е направена и процена за тоа колку ќе чини отстранувањето и затворањето на дивите депонии, како и процена за тоа уште колку време ќе функционираат дивите депонии до моментот на отворање на новите регионални депонии. Паралелно тече проект за Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југозападниот Регион, а откако ќе биде целосно готов, ќе  аплицираме до европските фондови за средства за да ги затвориме дивите нестандардизирани депонии“, рече Каранфилова-Мазневска.

Според неа, проектите со кои се предвидува изградба на регионални депонии наидуваат на огромна поддршка од општините. Секој од градоначалниците, како што потенцираше Каранфилова-Мазневска, сака да има регионална депонија во својата општина бидејќи тоа значи и нови работни места, а што е уште позначајно ваквите стандардизирани инсталации, направени по европски норми, не претставуваат никаков ризик ниту по здравјето на луѓето, ниту по животната средина. 

Во однос на цената за управување со отпад, таа нагласи дека во иднина треба да се очекуваат повисоки сметки бидејќи, како што рече, со постојната цена за управување со отпадот не може да постои одржлив систем.  

„Неминовно ќе има зголемување на цената за управување со отпадот и треба да бидеме свесни и како граѓани и како компании, но, од друга страна, ефектите кои ќе бидат видливи (можеби не веднаш во првите години) ќе бидат од големо значење за унапредување на здравјето на луѓето и за зачувувањето на животната средина и нашите природни ресурси. Парите што ќе бидат наменети за соодветно управување со отпадот, всушност, ќе бидат наменети за зачувување на здравјето. Во овој момент, начинот на којшто се постапува со отпадот е вистински ризик за сите нас. Постојат депонии кои се веднаш до речните сливови, кои ги загадуваат и подземните води и почвата, а сето тоа е дел од синџирот на исхрана“, потенцираше Мазневска.

Во рамките на проектот, експерти од Обединетото Кралство и од Шпанија ќе работат со претставници од Министерството за животна средина, со претставници од приватниот и од граѓанскиот сектор сè со цел во 22 месеци предвидени за овој проект да се усогласи новиот Закон со европското законодавство.

А. Б.