/ Прочитано:

1.859

Министерството за животна средина отпочна проект за подигнување на стандардите за квалитетна животна средина

Според меѓународните претставници во земјава, а и според последниот извештај за напредокот на земјава, Македонија во однос на имплементација на Рамковната директива за отпад сè уште се наоѓа во почетен стадиум. Европското законодавство за животна средина е едно од најкомплексните. Селекцијата е најважна при соодветно управување со отпад, но исто така и транспортирањето до депониите кои треба да бидат разграничени на посебни центри за различен отпад. Сето тоа бара големи финансиски средства, но мора да се дејствува брзо и конкретно бидејќи отпадот се таложи сè повеќе и повеќе, а со тоа се зголемува и загадувањето на животната средина.

отпад

„Секако дека во домот имаме потрошени батерии од далечински управувачи, од часовници, од играчки, но со години ги фрламе заедно со комуналниот отпад. Да бидам искрена, не сум слушнала каде може да се фрли овој вид отпад.“

„Што да ви кажам, досега секој апарат од домаќинството, мислам на бела техника, неколку миксери, микробранова печка, фен за коса, два кафемати за филтер кафе, сето тоа го ставав во обична најлонска кеса и го фрлав во контејнерот пред зградата. Претпоставувам дека вработените во ЈП „Комунална хигиена“ откако ќе ги испразнат контејнерите, сето ѓубре го носат во депонијата „Дрисла“. Можеби треба да постојат некакви други собирни места само за ваков вид отпад, но не сум слушнал дека кај нас, во Македонија, има такви пунктови, или посебни контејнери.“

„Дома имам два расипани телевизори, постари модели, потоа стар видеорикордер, расипани мобилни телефони, ВХС-касети на кои не им го знам бројот и кои веќе се неупотребливи, но не ги фрламе. Пренатрупани сме со расипана техника, но, верувајте, не знам каде би можел да ги фрлам сите тие работи. Доста сум читал дека несоодветното уништување на овој вид отпад може да биде опасно по здравјето на луѓето. Можеби ќе имаме среќа да доживееме стандардите за квалитетна животна средина и кај нас да го достигнат нивото што го имаат во останатите европски држави.“

Ова се само неколку изјави на граѓани кои ги прашавме како се ослободуваат од посебниот вид отпад, односно од батериите, електричната и електронската опрема.

Иако во областа на управувањето со отпадот во Македонија голем дел од европските директиви се целосно имплементирани во националното законодавство, има уште многу работа на ова поле. Во оваа насока, Министерството за животна средина денеска го промовираше твининг-проектот за соодветно спроведување на рамковната директива за отпад и директивите за посебните видови отпад.

„Вредноста на проектот е 1,1 милион евра. Сите активности предвидени со проектот, кој ќе трае до септември 2018 година, ќе бидат насочени кон подготовка на нов Закон за управување со отпад, кој ќе биде усогласен со новите директиви на Европската Унија, особено со регулативата од 2008 година и со регулативата 333 од 2011 година. Исто така ќе ги изработиме и сите подзаконски акти што ќе произлезат од подготовката на новиот закон. Исто така, ќе бидат изменети и дополнети постојните закони за управување со електронска и електрична опрема, за пакувања и отпад од пакувања и за отпадни батерии и акумулатори. Тоа е и главната цел на проектот – да се усоврши системот за управување со отпад и да се засилат активностите за рециклирање. Но, за да почне да функционира сето ова, мора да ја подигнуваме свесноста кај луѓето. Не може на секој сантиметар од нашите патишта да постојат контејнери за разна намена. Ќе постојат собирни центри каде што секој свесен граѓанин ќе го фрла посебниот отпад соодветно“, изјави Ана Каранфилова-Мазневска од Министерството за животна средина.   

Според меѓународните претставници во земјава, а и според последниот извештај за напредокот на земјава, Македонија во однос на имплементација на Рамковната директива за отпад сè уште се наоѓа во почетен стадиум, поради што проекти од ваков вид се нужна потреба. Заменик-амбасадорот на ЕУ во Македонија, Мауро Дивероли, рече дека се потребни економски стимулации за да се подобри состојбата со управување и собирање на отпадот.

„Европското законодавство за животна средина е едно од најкомплексните. Селекцијата е најважна при соодветно управување со отпад, но исто така и транспортирањето до депониите кои треба да бидат разграничени на посебни центри за различен отпад. Сето тоа бара големи финансиски средства, но мора да се дејствува брзо и конкретно бидејќи отпадот се таложи сè повеќе и повеќе, а со тоа се зголемува и загадувањето на животната средина“, истакна Дивероли.

Овој проект, како што изјави заменик-амбасадорот на Велика Британија, Пол Едвардс, кој е пред сè насочен кон јакнење на административните капацитети не е доволен сам по себе за да се справиме со отпадот кој се фрла по улиците и по патиштата низ Цела Македонија.

„Накусо би го раскажал мојот впечаток за Македонија во однос на ова многу важно прашање. Јас многу сакам да возам велосипед, па така во октомври си организирав четиридневна велосипедска трка во северниот дел на земјава. Врнеше, но како Британец јас сум навикнат на дождот и воопшто не ми пречи. Да бидам искрен, ми пречеше глетката околу мене. Каде и да појдев бев опкружен со отпад. Сето тоа го расипа мојот впечаток за убавините на Македонија. Бев вистински тажен кога ги гледав сите тие ѓубришта, сите тие диви депонии. Мислам дека ова е така бидејќи алтернативите за соодветно фрлање на отпадот, онака како што е пропишано со законската регулатива, не се создадени од страна на самата држава. Никаде по малите места нема вистинска депонија. Замена за неа се каналите, нивите и така натаму. Луѓето фрлаат онаму каде што ќе стигнат. Да не зборувам за проблемот со индустрискиот отпад кој несовесно се фрла во реките. Тоа е сосема друго прашање. Но, треба да се сфати дека секој во оваа земја мора да вложи максимални напори, да постои сериозна заложба од страна на сите и во ниту еден момент овој проблем не смее да се игнорира“, истакна Едвардс.

Инаку, проектот ќе го имплементираат експерти од Шпанија и од Велика Британија во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, но како што денеска беше нагласено, подготвените закони кои ќе произлезат од активностите ќе мора да се спроведат во пракса.

А. Б.