/Прочитано:

547

МИОА ги објави законите за централниот регистар на население, за електронското управување и за електронските документи

Министерството за информатичко општество и администрација ги објавува нацрт-верзиите на Законот за централен регистар на населениеЗаконот за електронско управување и електронски услуги и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

Законите, велат од МИОА, се резултат на детална анализа на домашното законодавство во насока на обезбедување на безбеден пристап до електронските услуги за граѓаните, како и воведување на електронска идентификација за нивно користење.

„Националниот портал за услуги и каталогот на услуги ќе имаат повеќе функционалности. Електронските услуги ќе бидат достапни до највисоко ниво на софистицираност, односно од моментот на поднесување на барање за некоја услуга до самото добивање на актот. Оттука, а во отсуство на конкретна законска регулатива во моментот, се наметна потребата од изготвување на законско решение. Со овој закон се обезбедува ефикасно и ефективно спроведување на надлежностите на органите и институциите, како и надлежностите, правата и овластувањата на субјектите кои обезбедуваат услуги од јавен интерес, врз основа на утврдени стандарди и процедури, во согласност со одредбите на овој закон и посебните закони, сето во функција на обезбедување на електронски услуги за корисниците на услуги“, велат од МИОА.

Централниот регистaр на население претставува единствена база во која ќе се чуваат реални податоци за граѓаните. Како клучни институции се јавуваат МВР, УВМК и Централниот регистар. Во базата ќе се преземаат податоци од повеќе институции и преку алгоритми ќе се проверува колкава е точноста на тие податоци, со што добиениот податок за конкретно лице ќе може да се гарантира дека е вистинит и точен.

„Со цел инклузивност на процесот на креирање на овие три клучни закони, беше формирана работната група за подготовка на овие нацрт-закони. Членови на работната група беа вработени во Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда – Управа за водење на матичните книги, Државниот завод за статистика, Министерството за труд и социјална политика, Дирекцијата за заштита на личните податоци и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации“, истакнуваат од МИОА.

Покрај одржаните состаноци на работната група, додаваат од Министерството, беа извршени и консултации со релевантни претставници од институциите коишто се вклучени во процесот на креирање на бази на податоци и институции што обезбедуваат услуги по електронски пат во постапки за остварување на поединечни права.

Правна помош беше побарана и од четири домашни експерти и еден меѓународен експерт. Дополнително, а заради транспонирање на регулативата на ЕУ, еIDas, обезбедена е и соодветна правна и ИТ-помош од страна на ИПА2012. Законите беа објавени и на ЕНЕР, каде што во период од 20 дена беа достапни за коментари и забелешки од сите засегнати и заинтересирани страни.

Нацрт-верзиите, нагласуваат од МИОА,  ќе бидат испратени на мислење до Европска комисија и до другите релевантни организации, по што ќе бидат финализирани.

М.В