/ Прочитано:

1.275

МИОА го објави извештајот од процената на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во Македонија

Во рамките на посебната соработка помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи во областа на сајбер безбедноста, а со поддршка на Светската банка, на почетокот на 2018 година се одржа тридневна Процена на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во Република Македонија.

Процената, посочуваат од Министерството за информатичко општество и администрација, беше спроведена од страна на експерти од Глобалниот центар за капацитети во областа на информатичката безбедност на Универзитетот Оксфорд, преку консултативни средби со претставници на јавниот сектор и критичната национална инфраструктура, но и бизнис-секторот, академскиот сектор, граѓанските здруженија и интернационалната заедница.

Моделот за процената е базиран на пет димензии, во кои се опфатени јавните политики и стратегии, културата и општеството, образованието и вештините, правните и регулаторни рамки, како и стандардите и технологиите од областа на сајбер безбедноста.

„Наодите што произлегоа од Процената на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во Република Македонија се презентирани во извештајот, со што се овозможува објективно разбирање за областите што треба да се подобрат и активностите што треба да се преземат во таа насока. Во извештајот се наведени и препораки за подобрување на капацитетите во областа на информатичката безбедност, во насока на добивање отпорен и иновативен сајбер простор во Република Македонија, што, во крајна линија, ќе придонесе кон подобрување на  човековите права и добросостојбата на сите граѓани“, велат од МИОА.

Извештајот од процената на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во Република Македонија е достапен на англиски јазик на следниот линк.

Република Македонија веќе започна со спроведување на добиените препораки и зајакнување на своите капацитети за сајбер безбедност, со усвојување на Националната стратегија за сајбер безбедност на Република Македонија 2018 – 2022.

M.В