/ Прочитано:

1.101

МИОА: Македонија и Грција ќе ги намалат цените во роаминг

Македонија и Грција како соседи имаат обврска кон своите граѓани да бидат партнери и постојано да соработуваат. Ова е заклучокот од средбата помеѓу министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерот за дигитална политика, телекомуникации и медиуми во грчката влада, Никос Папас.

Главниот фокус во разговорот на двајцата министри беше обезбедувањето на сите потребни предуслови за намалување на цените за роаминг помеѓу двете држави.

„На средбата со грчкиот колега, министерот Папас, ги продолживме разговорите за потпишување на договор помеѓу двете држави за намалување на цените во роаминг за нашите граѓани. Како заклучок од средбата, со задоволство можам да кажам дека во текот на месец септември ќе објавиме и конкретен договор за отпочнување на процесот за намалување на цените во роаминг“, истакна министерот Манчевски.

Како што рече министерот Манчевски, договорот што го потпишаа двете влади ги отстранува пречките за соработка кои постоеја во минатото. Договорот за роаминг е само почеток, и станува збор за многу конкретна мерка од која корист ќе имаат сите граѓани.

„Позитивниот резултат од разговорите со министерот Папас, од кои произлегуваат конкретни поволности за двете држави, е само уште една потврда за придобивките што ќе следуваат по зачленувањето на Македонија во Европската Унија и НАТО. Затоа наша обврска е да излеземе на претстојниот референдум и да гласаме за европска Македонија“, заклучи министерот Манчевски.