/ Прочитано:

2.537

МИОА најавува сериозен процес на реформи во јавната администрација

Пред Министерството за информатичко општество и администрација претстои сериозен процес на реформи на јавната администрација, базиран врз нова стратегија, истакна на денешната прес-конференција министерот Дамјан Манчевски.

„Во првите 100 дена, Министерството имплементира и ги прифати сите забелешки од СИГМА, успеа да го врати дијалогот со ЕУ за реформа на јавната администрација што беше во прекин од 2015 година, воведе флексибилно работно време и двосменско работно време за службите што издаваат лиценци, дозволи и слично. Покрај тоа, предложени се и измени на законските решенија за административни службеници кои предвидуваат вработените од пониски позиции да можат да имаат скок за три нивоа наместо едно“, рече Манчевски, најавувајќи дека паралелно се работи на анализа на регистарот на вработени во јавната администрација.

До крајот на годинава, посочи министерот, ќе се знае точниот број вработени и за тоа ќе се прави функционална анализа на јавната администрација, со цел нејзина реорганизација.

Во врска со одложувањето на примената на барањето за доставување сертификат за познавање странски јазик од јавната администрација, министерот рече дека е направено со цел да се создадат капацитети кои ќе вршат проверка на знаењето на странски јазици и тоа да биде на товар на Владата, а не како досега, на товар на административците.

М.В