/ Прочитано:

1.097

МИОА за водењето евиденција на бројот на вработени во институциите

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прес-конференција се осврна на последната мерка што ја спроведе МИОА, во координација со УЈП, со цел внесување на податоците на вработените во информациониот систем за управување со човечки ресурси – ИСУЧР.

„Министерството за информатичко општество и администрација воведе ред во системот на водење евиденција на бројот на вработени во институциите.

Со цел пополнување на информациониот систем за управување со човечки ресурси од страна на сите институции во државата, Управата за јавни приходи во соработка со МИОА, ја стопираше платата на институциите кои ги немаа внесено податоците за своите вработени во системот.

Оваа активност ги даде посакуваните резултати. Само во периодот од 15 октомври до денеска, во системот се внесени нови 32.247 податоци за вработените. Од овие, 21.827 податоци за вработени кои воопшто сме ги немале досега, додека 10.420 податоци кои претставуваат ажурирање на претходно доставени податоци. Моменталната бројка на вкупно внесени вработени е 91.653.

Нашата цел не е казнување на вработените. Затоа, денес сите ќе ја добијат платата за месец октомври. Но, наша цел е воведување на ред во системот и обезбедување на точни податоци за состојбата со бројот и демографските карактеристики на вработените во јавниот сектор во ИСУЧР, во согласност со закон. Впрочем, граѓаните имаат платено над 2 милиони евра за овој систем за управување со човечки ресурси.

На овој начин постапуваме и по забелешката на Државниот завод за ревизија, каде што беше наведено дека информациониот систем за управување со човечки ресурси не се користи во целосен капацитет.

На овој начин, конечно извештајот за вработените во јавниот сектор, што ќе се објавува во март секоја година, ќе содржи податоци добиени од едно место, без да се прават вкрстувања од повеќе извори, како што беше тоа случај досега. Податоците во системот ќе можат да се користат за голем број анализи и за статистика во реално време“, истакна Манчевски.

М.В