/ Прочитано:

1.355

МИОА: Зајакнати капацитетите за сајбер безбедност во соработка со Светската банка

2018 година беше клучна за зајакнување на капацитетите за сајбер безбедноста во Република  Македонија. Во таа насока е и партнерството на Министерството за информатичко општество и администрација со Светската банка. За да се одбележи успешната соработка во рамките на „Глобалната програма за градење на капацитети од областа на сајбер безбедноста”, како и да се споделат искуства од земјите учеснички и партнери поддржувачи на Програмата, Светската банка одржа завршен настан во Вашингтон, на кој учествуваа и претставници од МИОА.

На настанот се дискутираше за регионалниот пристап и потенцијалните регионални приоритети во земјите од Западен Балкан во областа на сајбер безбедноста. Беа презентирани идеи за структурирање на регионалната соработка и начините на нивна имплементација. Особено внимание беше посветено на иницијативата на Република Македонија за основање на Регионален центар за обуки и истражувања во областа на сајбер безбедноста, а дополнително беше презентиран и модел за успешна имплементација на ваков тип центар во рамки на глобална компанија.

„Од земјите во регионот, Македонија беше издвоена како земја во која е остварена најдобра соработка и комуникација при процената на капацитетите за зрелост на сајбер безбедноста, како и голем процент на вклучување на препораките од добиениот извештај. Имено, 70% од препораките се вклучени во Националната стратегија за сајбер безбедност, а останатите се дел од Акцискиот план. Исто така, како што беше посочено, Македонија го објави Извештајот за проценка на капацитетите за сајбер безбедност во август 2018, со што покажа транспарентност и спремност за идна соработка во оваа област“, информираат од МИОА.

Дополнително, се дискутираше и за улогата на Светската банка и нејзините партнери во областа на  сајбер безбедноста, научените лекции, како и начинот на кој може да се подобри дизајнот на идните програми.

Македонија е една од шесте земји учеснички во овој циклус на „Глобалната програма за градење на капацитети од областа на сајбер безбедност”, меѓу кои и Албанија, Босна и Херцеговина, Гана, Киргистан и Мијанмар. Програмата е финансирана од Министерството за стратегија и финансии на Кореја, преку партнерството Кореја – Светска банка, администрирана преку Светската банка.

Во Македонија, Програмата започна во јануари 2018 година со процена на капацитетите на зрелост, како трета земја учесничка во оваа програма во регионот и деветта во Европа. Извештајот од процената на капацитетите за зрелост обезбеди процена на националните капацитети за сајбер безбедност, преку процена на институции, како и организации од приватниот сектор и граѓанскиот. Беше спроведен од страна на Глобалниот центар за сајбер безбедност во Оксфорд.

M.В