/ Прочитано:

1.663

Мирјана Лазарова-Трајковска за слободата на изразување низ праксата на ЕСЧП: „Колку подемократско општество, толку поголема слобода“

„Слободата на изразувањето има посебно место во секојдневниот живот на луѓето во различни фази од општествениот развој. Незамисливо е добро функционирање на демократските процеси во кое било општество без правото на слобода на изразување. Луѓето ја искажуваат мислата преку говорот, пишуваат романи, новинарски написи, поезија, сатира, цртаат цртежи, прават фотографии, карикатури, создаваат музика, глумат, сликаат графити, прават скулптури, комуницираат преку интернет. Сите овие форми на изразување му помагаат на човекот да ја преточи мислата во израз. Колку е подемократско општеството, толку е поголема слободата на изразување. Толеранцијата на искажаното и на индивидуалните мислења е еден од најважните елементи за прогрес на демократијата“, посочува д-р Мирјана Лазарова-Трајковска во публикацијата „Слободата на изразување низ праксата на Европскиот суд за човекови права“, промовирана  од страна на Здружението на новинари на Македонија, во соработка со Европската делегација и со Француската амбасада во Македонија.

Правото на слобода на изразување, вели Мирјана Лазарова-Трајковска,  иако не потпаѓа меѓу правата кои имаат апсолутна заштита со Конвенцијата, зазема централно место меѓу конвенциските права. Со тоа спознание, генералниот пристап на Европскиот суд за човекови права (овде и понатаму Судот во Стразбур или Судот) почива на либералното поимање дека, во принцип, слободата на изразување подразбира заштита на кој било исказ, во која било форма, пренесен од лице, од група или од кој било вид медиум. Заштитата на слободата на изразување ги опфаќа ставовите, исказите изразени од лица или од мали групи дури и тогаш кога тие содржат идеи кои можат да бидат шокантни за мнозинството луѓе.

Овој став, појаснува Лазарова-Трајковска, Судот го вгради во пресудата по жалбата на Хендсајд (Handyside) против Обединетото Кралство, а подоцна го втемели во многу други пресуди и одлуки. Судот утврди дека членот 10 ги штити „не само информациите и идеите кои се примаат со наклонетост или се сметаат за ненавредливи или индиферентни, туку и оние што навредуваат, шокираат или вознемируваат – такви се барањата на плурализмот, толеранцијата и широкоумноста, без кои нема демократско општество“.

Судот укажува дека „слободата на изразување претставува една од суштинските придобивки во едно демократско општество, еден од базичните услови за неговиот прогрес и за самоосмислувањето на секоја индивидуа.“

„Низ судската пракса, Судот разви јасни принципи во врска со слободата на изразување. Слободата во изразувањето претпочита плурализам на идеи, толеранција и широкоумност, без кои не постои демократско општество.

Целта на заштитата на слободата на изразувањe, според членот 10 од Конвенцијата, мора да се интерпретира широко за да не ги опфати само содржината на информации и идеите, туку и различните форми и средства преку кои се изразуваат и се примаат тие“, вели Лазарова-Трајковска.

Членот 10, образложува поранешната судијка во ЕСЧП, не ја забранува расправата или ширењето информација за која постои сомневање дека е веројатна. Покрај тоа, Судот ја препознава слободата на изразување во нејзиниот негативен аспект, искажана преку правото да се изрази став и преку молчење.

Структурираноста на членот 10 укажува дека првиот од двата става ја дефинира слободата на изразување, а вториот ги наведува условите во кои некоја држава може исклучиво врз основи предвидени со закон да ја ограничи слободата на изразување и никако поинаку.

„Во анализата давам приказ на слободата на изразување преку бројните пресуди и одлуки на Судот во Стразбур. Целта на оваа анализа е да даде генерална слика за обврските на државата во врска со правото на слободата на изразување, да ги посочи заемната поврзаност и упатеност на ова право со другите права и слободи гарантирани со Конвенцијата, но и обемот на заштитата на слободата на изразување. Поради бројните форми низ кои се пројавува правото на слободата на изразување, овде фокусот е на неколку од тие форми: слободата на изразување во политиката, уметноста и граѓанското здружување, со посебен осврт кон новинарите и новинарското изразување. За овие форми на изразување се одлучив како резултат на структурата и содржината на досега покренати жалби за Република Македонија пред Судот во Стразбур во врска со ова право“, посочува Лазарова-Трајковска.

Некои од овие предмети, додава Лазарова-Трајковска, сè уште се во постапка. Покрај тоа, во време кога интернетот е една од најважните форми на изразување и на споделување информации, важно е да се познаваат принципите за односот меѓу правото на приватност и правото на слобода на изразување, кои Судот ги утврди во досега не толку голем број пресуди и одлуки поврзани со слободата на изразување и интернетот.

Појдовниот став на Судот дека слободата на изразување е правило, а секое ограничување е исклучок, вели Лазарова-Трајковска , налага темелно познавање на принципите вградени во практикувањето на конвенциското право, па затоа на делот од анализата кој се однесува на ограничувањето на слободата на изразување му посветив посебно внимание.

М.В