/ Прочитано:

1.903

Мислењата на анкетираните судии за медијацијата – извештај за примената на алтернативното решавање на спорови

Поголемиот дел од анкетираните судии сметаат дека странките не знаат за медијацијата како можност и не знаат дека имаат право на избор на начинот на кој ќе го решат спорот во кој се нашле, се вели во тематскиот извештај од проектот „Следење на владеењето во областа на правдата“, спроведен од Институтот за европска политика.

Извршители

Институционалната соработка на судиите и медијаторите, велат од Институтот за европска политика, е законски предвидена и произлегува од членот 272 од Законот за парничната постапка. Имено, кога судијата по претходно испитување на тужбата ќе процени дека еден спор е медијабилен, се отвора можноста за користење на медијацијата, кога се работи за медијација заснована исклучиво на принципот на доброволност.

Во ваков случај, до странките кои учествуваат во спорот, заедно со поканата за подготвително рочиште, судот е должен да достави писмено укажување за можноста за решавање на спорот надвор од судската постапка, односно со посредство на медијатор. Странките имаат право да се произнесат по ова укажување на подготвителното рочиште на записник пред судот или со писмен поднесок, но не е исклучена можноста да побараат да бидат упатени на медијација и во текот на главната расправа.

Во врска со спроведената анкета за медијацијата, од Институтот за европска политика велат дека од одговорите добиени од анкетираните судии, кои доброволно учествувале во анкетата, може слободно да се констатира дека судиите што постапуваат во прв степен доследно ги применуваат одредбите од ЗПП и редовно доставуваат писмено укажување за медијација и до тужителот и до тужениот.

На прашањето дали странките знаат за можноста дека спорот можат да го решат по пат на медијација, поголемиот дел од анкетираните судии сметаат дека странките не знаат за медијацијата како можност и не знаат дека имаат право на избор на начинот на кој ќе го решат спорот во кој се нашле.

На прашањето дали досега воопшто се случило странките да побараат информација или појаснување за медијацијата како можност, поголем дел од анкетираните судии изјавиле дека многу ретко странките директно се обратиле до нив за да побараат информации за медијацијата.

Во некои од анкетните ливчиња, истакнуваат од Институтот за европска политика,  судиите не наведуваат причина зошто странките не си ги знаат правата, туку директно изјавуваат дека е потребно да се најде посигурен начин за информирање на странките за методите на алтернативно решавање на споровите и да имаат можност лично да се изјаснат дали сакаат да го решаваат спорот по пат на медијација пред да се впуштат во судска расправа.

Некои анкетирани судии, посочуваат од Институтот за европска политика, имаа и сосема поинакво размислување од наведеното, односно изјавија дека не поддржуваат медијација и дека судиите се оние што треба да ги решаваат споровите како посигурен начин да се добие добро решение на спорот, преку судска одлука, при што имаше и изјави од типот „судската власт е засебна власт и не ѝ треба институционална соработка за спроведување на правото со примена на алтернативно решавање спорови“.

„Исто така, имаше и изјава од типот дека судското порамнување е решение за спогодување и дека нема потреба од поддршка на медијацијата, а сето ова укажува на фактот дека иако Република Македонија ја има имплементирано Европската директива за медијација во граѓанските и стопанските спорови од 2008 година во националното законодавство, поддршката од инволвираните во оваа област сè уште е во еден дел само декларативна“, велат од Институтот за европска политика.

Повеќето од анкетираните судии, додаваат од Институтот за европска политика,  сметаат дека медијацијата во нашата држава воопшто не е промовирана или дека е многу малку промовирана како опција за решавање на споровите и дека е потребна нејзина активна промоција, која ја поддржуваат.

„Со оглед дека измената во ЗПП за доставување на писмени укажувања за медијација до странките датира и се применува од 2009 година, а оттогаш многу е мал бројот на предмети (според резултатите од анкетираните судии) во кои е побарано да се користи медијација по започнување на судска постапка, произлегува дека воведувањето на обврската за задолжително доставување на писмени укажувања до странките од страна на судот не ги дава очекуваните резултати, институционалната соработка не е на задоволително ниво, а мислењето на повеќето од анкетираните е дека поддржуваат ваква соработка во спроведувањето на правото“, заклучуваат од Институтот за европска политика.

М.В