/ Прочитано:

1.683

Мислење и сугестии за предлог Законот за општа управна постапка – Македонско здружение на млади правници

Македонскотo здружение на млади правници во периодот Март-Октомври 2014 година, воспостави соработка со Националниот демократски институт (НДИ) во рамките на прoграмата за Зајанување на капацитетите на граѓанските организации за учество во законодавниот процес 2013-2014 за изрaботка на компаративна анализа на актуелниот Закон за општа управна постапка и новиот предлог Закон за општа управна постапка.

„Проектот има за цел да го олесни пристапот до правда и услуги на граѓаните во комуникација со државните институции и јавната управа во Република Македонија особено на ранливите категории на граѓани преку унапредување и подобрување на правата на граѓаните во управната материја. Во рамките на проектот, МЗМП изработи компаративна анализа/студија помеѓу актуелниот Закон за општа управна постапка и новиот предлог Закон за општа управна постапка. Компаративната анализа имше за цел да се идентификуваат измените и новините на законските текстови, но имајќи во предвид дека новиот предлог Закон за општа управна постапка содржи 145 членови, односно истиот е преполовен во споредба со актуелниот закон, МЗМП примени други пристап и изработи студија каде што се дадени мислења и сугестии во однос на новиот предлог Закон за општа управна постапка. Мислењето и сугестиите за предлог Законот за општа управна постапка е изработено согласно искуството и праксата на МЗМП во управната постапка“, велат од МЗМП

МЗМП организираше јавна дебата на тема Дали новиот предлог Закон за општа управна постапка ќе ги исполни очекувањата на граѓаните за ефикасна и ефективна заштита на правата на граѓаните во управната постапка

На јавната дебата учествуваа претставници на Управниот суд, Народниот правобранител на РМ, Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен, претставници на МЗМП, адвокати и здруженија на граѓани.

„Мислењата и коментарите кои што произлегоа од јавната дебата се инкорпорирани во Мислењето и сугестиите на предлог Законот за општа управна постапка. Имајќи предвид дека финалниот предлог Законот за општа управна постапка може да претрпи измени и дополнувања пред влегување во владина и/или собраниска процедура, напоменуваме дека Мислење и сугестии за Законот за општа управна постапка е изготвено и печатено во месец Октомври 2014 година и се однесува исклучиво на предлог Законот за општа управна постапка објавен на 11 Септември 2014 година од страна на Министерството за информатичко општество и администрација. Изготвениот документ ќе биде доставен до членовите на работната група за предлог Законот за општа управна постапка, Собранието на РМ, Министерството за информатичко општество и администрација, и други засегнати страни“, посочуваат од МЗМП.

Младите правници истакнуваат дека управните постапки чија основа е Законот за општа управна постапка, ги регулираат односите помеѓу органите кои вршат јавни овластувања и граѓаните како најголеми корисници на јавните услуги, претставувајќи еден од најзначајните сегменти во општеството.

„Согледувајќи ги проблемите на постојниот Закон за општа управна постапка кој што во изминатите години преку измени и дополнување се обидуваше да ја поправи состојбата во јавната администрација, Министерството за информатичко општество и администрација во својата стратегија1 предвиде донесување и усвојување на целосно нов Закон за општа управна постапка, кој како што тврдат подготвувачите, ќе биде насочен кон воспоставување на систем за ефикасна заштита на правата на граѓаните во управната постапка. При изготвувањето на предлог Закон за општа управна постапка, предлагачот пристапил кон примена на нова концепција- за разлика од актуелниот Закон за општа управна постапка, кој што детално да ја регулира управната област, предлог Законот за општа управна постапка ги установува основите на управната материја при што упатува на посебни закони од управната област во кои детално ќе се регулираат односите помеѓу страните во определената управна материја. Со предлог Законот се настојува да се корегира моменталната состојба во управно- правните односи со тоа што на граѓаните ќе им се овозможи ефикасен и ефективен пристап до права и услуги“, велат од Здружението.

Оттука, додаваат од таму, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) како здружение на граѓани кое што повеќе од 10 години обезбедува бесплатна правна помош на маргинализирани лица, воглавно во областа на управната материја, во овој документ ќе ги разгледува одредбите од предлог Законот за општа управна постапка од аспект на правната заштита и сигурноста која што истиот ја обезбедува за лицата кои што се појавуваат како странки во одредени управни постапки.

„Понудените мислења и сугестии имаат за цел да разгледаат одредени одредби од предлог ЗОУП, како и да покренат одредени прашања за дискусија, во светло на досегашното искуство на оваа организација во управната материја, а се со крајна цел да се отвори поширока дебата за практичната (и идна) примена на предложениот закон“, појаснуваат од Здружението.

Во продолжение следат сугестии во однос на определени решенија предвидени во предлог Законот за општа управна постапка кои што младите правници сметаат дека ќе бидат проблематични во практичната примена на предложениот закон:

>>>Мислење и сугестии за предлог Законот за општа управна постапка

М.В/veljanoskim@akademik.mk 9.12.2014