Младиќ им се заканувал на Унпрофор да не се противат при депортацијата на мештаните од Сребреница

Петок, 20 јули 2012- Холандскиот офицер Елко Костер во Хашката судница тврдел дека генерал Младиќ му се заканувал со зборовите „Тешко вас ако се противите додека ги одвојуваме муслиманите“, јавуваат белградските агенции. Офицерот бил во Сребреница по нејзиниот пад во јули 1995 година. 

Сведокот Костер кој тогаш бил командант во холандскиот баталјон на УНПРОФОР во Поточари, Сребреница, сведочеше дека илјадници муслимани по падот на Сребреница барале засолниште во близина на базата. Сведокот ја опишал средбата со Младиќ, јасно му кажал дека ќе започне евакуација на муслиманското население. На ова, сведокот му одговорил дека командантот на УНПРОФОР не е запознаен со планот на Младиќ, но тој му одговорил дека не го интересира командантот. Сведокот му се спротиставил на Младиќ, но тој тврдоглаво му се заканил дека ќе биде во неволја ако му застане на патот. Делумно овој разговор бил снимен, па во судницата бил пуштен телефонскиот разговор на Младиќ со сведокот, кадешто тој му вели дека сите што сакаат ќе бидат евакуирани со автобуси.

Според зборовите на сведокот, припадниците на војската на Република Српска ги качувале мештаните на автобуси, ги двоеле жените и децата од воено способните мажи. Костер раскажал дека спречил 15 годишно момче да биде одвоено од својата мајка.

На прашање на обвинителството дали војниците на УНПРОФОР ги двоеле мажите од жените, Костер одговорил дека тоа го правеле само силите на босанските Срби. Потоа во истиот ден, тој имал уште една средба со Младиќ, кадешто го прашал дали видел муслимански војници. Следниот ден на 13 јули во Поточари силите на УНПРОФОР пронашле мртви тела на 9 мажи. Сведокот изјавил дека не знае дали труповите на мажите биле Срби или Босанци.

Холандскиот офицер раскажал и за депортацијата на муслиманкото население во Кладањ. Тој бил запознаен за договорот меѓу неговиот командант Тон Каренсон и Младиќ, но тоа било така бидејќи автобусите веќе пристигнале во Поточари.

Пред падот на Сребреница сведокот проговорел и за воените дејствија на муслиманските војници. Непосредно пред 12 јули во Сребреница, муслиманските сили отвориле оган врз српските сили и врз силите на УНПРОФОР.  Судењето продолжува на 21 август, откако ќе заврши три неделниот одмор.

Ратко Младиќ е обвинет за злосторства против човештвото, геноцид, прогонство на несрпско население за време на војната 1992-1995 година на територијата на Босна и Херцеговина.