МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ ЗАКОН ЗА ДОКТОРСКА ДЕЈНОСТ: „Се соочуваме со егзистенцијални проблеми и приморани сме да си одиме од земјава“
Петок, 12 јуни 2015 – Младите македонски лекари ја повикуваат Владата на Република Македонија, заедно со нив, да изнајде начин и модел сите отворени прашања и проблеми кои ги засегнуваат младите лекари да се решат преку донесување на Закон за докторска дејност.
Неопходен е Закон за докторска дејност
„Со донесување на Закон за докторска дејност Македонија ќе биде земја за пример, земја која ќе го реши проблемот со медицинската миграција, а не земја која ќе го чека денот на колапс на здравството поради дефицит на лекари и која ќе треба да вложи многукратно повеќе средства за да санира штети и последици кои можеме да ги превенираме заедно!“, истакнуваат младите лекари од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.
Повикувајќи се на Свечената професионална заклетва, која како текст е прифатена и која се практикува во повеќето напредни европски држави, младите лекари објавија и Декларација со која бараат надминување на нивните тешкотии и проблеми со кои се соочуваат во струката и дејноста.
Македонија ја напуштија преку 500 млади лекари
„Заклетвата и заветите ги даваме под полна морална и правна слобода и за нив одговараме со својата професионална и лична одговорност, но за да бидеме во можност непречено да ја вршиме својата професионална должност и обврска кон нашите пациенти, треба да ги надминеме егзистенцијалните проблеми, поради кои само во изминатите неколку години Македонија ја напуштија преку 500 млади лекари, а трендовите говорат за експоненцијално зголемување на овие бројки од година во година“, истакнуваат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.
„Реална просечна плата на млад матичен лекар во Македонија е 18.000 денари, многу често и помалку! Од овие причини, интересот на младите лекари за работа во примарното здравство е минимален. Македонија се соочува со сериозен дефицит на нови матични лекари, во одредени средини воопшто и нема, а просечната старосна возраст на матичните лекари е над 55 години!
За првпат од постоењето на ФЗО е воведена стимулативна пресметка на капитација за нови млади матични лекари, но сумата е поразителна, 40.000 денари месечно севкупно за режиски трошоци и бруто-плати за тим од лекар и медицинска сестра, што практично значи потврда на тоа колку вредиме пред очите на надлежните, во најдобар случај помалку 15.000 денари бруто-плата за лекар и 10.000 за медицинска сестра“, истакнуваат младите лекари.
Македонија е преседан во светски рамки
„Македонија е преседан во светски рамки, меѓу неколкуте земји во светот, во која во моментов во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ активно работат и се едуцираат преку 400 млади лекари – специјализанти на т.н. приватна специјализација, кои плаќаат за тоа 8.000-12.000 евра, а во меѓувреме за својот ангажман и за работните обврски, еднакви со оние на вработените колеги, не добиваат ни денар плата, а немаат ниту здравствено, ниту социјално-пензиско осигурување! Колегите, вработени во државните здравствени институции, воопшто за да можат да специјализираат, без право на избор, се обврзуваат со задолжително потпишување меница да платат казнен износ во вредност 10 пати поголем од сумата на чинење на специјализацијата, 120.000 евра, доколку наредните 15-20 години од која било причина ја напуштат установата или доколку ја прекинат специјализацијата, дури и поради виша сила! Специјализантите се обврзани на задолжителни 24-часовни дежурства еднаш неделно, без притоа да добијат каков било надомест за тоа, ниту храна“, додаваат тие.
Лекарите велат дека со последните измени на Законот за здравствена заштита, специјализациите се обремениле со огромни дополнителни обврски за идните специјализанти, а со дефинирањето на листата на стручна литература, деталните критериуми за начинот на полагање и положување на колоквиумите и испитите, како и воведувањето на дополнителен интермедијарен испит, претставувале нарушување на академската слобода и мешање во автономијата на медицинските факултети и ЛКМ.
Дефинирање и гарантирање на достоинствена минимална плата за младите матични лекари
Младите лекари, по однос на примарното здравство и нашето место во него, бараат дефинирање и гарантирање на достоинствена минимална плата за младите матични лекари ангажирани во примарното здравство, преку редефинирање на системот на капитација и фер и достоинствено финансиско субвенционирање за млади лекари кои сакаат да работат во примарно здравство
„Зарем 40.000 денари месечно е чесна и доволна сума за тим од лекар и сестра, пари со кои треба да се намират и социјалните и здравствени придонеси, режиските трошоци, едукацијата итн.“, прашуваат младите лекари, посочувајќи дека е потребно и лимитирање на бројот на пациенти на 1500, на кои еден лекар може да им биде матичен лекар, со што ќе се отворат голем број работни места за млади лекари и ќе се укине монополот на општи ординации.
Итно решавање на ситуацијата со приватните специјализанти
По однос на лекарите-специјализанти и нивното место во здравствениот систем, младите лекари бараат итно решавање на ситуацијата со приватните специјализанти и чесно и фер платено ангажирање во здравствениот систем во кој рамноправно учествуваат рака до рака со вработените колеги.
„Бараме интервенција на надлежните и итно донесување на закон со кој сите сегашни и идни приватни специјализанти по автоматизам со добивањето на специјализација ќе засноваат некој вид времен работен однос за време на специјализацијата. Итно намалување на цената на чинење на приватните специјализации. Без нашата волонтерска работа на 400 актуелни приватни специјализанти во моментов, терциерното здравство во РМ ќе колабира! Ние, заедно со вработените колеги специјализанти, рамо до рамо, сме тие на кои е паднат голем дел од секојдневните обврски и задачи кои овозможуваат функционирање на здравствениот систем, а за тоа освен што не сме платени, плаќаме и астрономски суми, во просек од 8.000-12.000 евра!“, нагласуваат младите лекари.
За нив е неприфатлива и непотребна е обврската за поврат на средства во сума-износ од минимум 10 пати од цената на специјализација.
„Неприфатлива и непотребна е обврската за поврат на средства во сума-износ од минимум 10 пати од цената на специјализација, на која колегите вработени во ЈЗУ се присилени да ја прифатат со потпишување меница, а сумата ќе им биде наплатена доколку од која било причина, дури и од виша сила, ја напуштат специјализацијата или институцијата во која се вработени“, велат младите лекари.
M. Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk