/ Прочитано:

2.748

МЛАДИТЕ ПРАВНИЦИ И АДВОКАТИТЕ ДЕБАТИРАА: Обврската на граѓаните да плаќаат на надомест за топлинска енергија која не ја користат е противуставна

Денес Проектот на УСАИД за заштита на човековите права организираше стручно правно советување на тема „Дали обврската за плаќање на надомест на граѓаните кои не користат топлинска енергија ниту пак имаат склучено договор со снабдувачот на топлинска енергија има основ во Уставот и во законите?“.

foto akademik

Целта на советувањето беше да се отвори дискусија во однос на правните аспекти на обврската и да се презентираат аргументи за и против во однос на нејзината уставност и законитост.

Со Законот за енергетика е предвидено дека заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, Регулаторната комисија за енергетика донесува правила за снабдување со топлинска енергија и Тарифен систем.

Регулаторната комисија на РМ на 30 јули 2012 година донесе Правилник за снабдување со топлинска енергија. Донесувањето на Правилникот резултираше со тужби против лицата што не ја користат услугата, а бројката на засегнати е приближно 20 000 домаќинства на територијата на Град Скопје.

Спорната обврска со која се засегнати повеќе од 10 000 граѓани се воспостави во 2012 со донесувањето на Правилникот за снабдување со топлинска енергија од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Со Правилникот се воспостави обврска за граѓаните кои пред неговото донесување се исклучиле од системот на парно греење (т.н. пасивни потрошувачи) да плаќаат определен месечен надомест независно од тоа што не користат топлинска енергија ниту пак имаат склучено договор со снабдувачот.

Обврската, велат од Македонското здружение на младите правници, веднаш наиде на отпор кај дел од засегнатите граѓани. Дел од аргументите на кои се повикуваа беа, пред сè, од техничка природа, дека тие не добиваат топлина, дека не минуваат цевки низ нивните станови и сл. Другите, далеку позначајни аргументи од правна природа кои ги истакнуваа граѓаните се однесуваа на тоа дека, пред сè, се работи за обврска воспоставена со подзаконски акт, а не со закон, како и дека се воспоставува обврска за плаќање на услуга што не се користи.

„Проектот, имајќи го предвид значењето на правните аспекти на ова прашање, им овозможи правна заштита на неколку граѓани за да се увиди и да се анализира обврската во поединечни случаи“, вели Александра Цветановска од Македонско здружение на млади правници која е дел од Проектот на УСАИД за заштита на човековите права.

На денешниот настан наодите од поединечните случаи беа презентирани од страна на адвокатот Орце Иваноски од адвокатското друштво „Трпеноски“ и од страна на адвокатот Диме Ѓорчевски.

foto akademik

Двајцата адвокати работат на поединечните предмети поврзани со односната проблематика. Клучен проблем во врска со ова прашање, велат адвокатите,  е тоа што оваа обврска е предвидена со подзаконски акт (Правилник), а не со закон. Законот за енергетика, кој само треба да се доуреди со Правилникот, воопшто не предвидува ваква обврска. Ѓорчевски и Иваноски  посочуваат дека оваа обврска навлегува во правото на сопственост и во правото на слободни пазар.

Според адвокатот Диме Ѓорчевски, обврската за плаќање на надомест на граѓаните кои не користат топлинска енергија е спротивна на Уставот и се коси со повеќе прописи кои се однесуваат на воспоставувањето на облигационоправни односи и антидискриминацијата.

„Нема основа во Уставот и во законите затоа што е спротивно на членот 51 од Уставот кој предвидува дека сите закони треба да се во согласност со Уставот, а останатите прописи со Уставот и законите. Во конкретниот случај, обврската за плаќање на ангажирана моќност или фиксен надомест е предвидена во Правилник и не црпи основа во ниту еден од законите и поради тоа е противуставна“, вели адвокатот Диме Ѓорчевски. Тој посочува дека одлуката што ја донел Уставниот суд во врска со Правилникот не е јасно и доследно образложена и дека  не е правно аргументирана. Тој нагласува дека е противуставно ретроактивното дејство на Правилникот и дека граѓаните се дискриминирани.

Според адвокатот Орце Ивановски, ваквата обврска и практика е во директна спротивност со уставно утврдените темелни вредности на слободниот пазар и претприемништвото.

„Цврсто сум убеден дека нема основа во Уставот, што се гледа во членот 51. Фактот што обврската предвидена во подзаконскиот акт ја нема во системскиот закон од којшто произлегува самиот подзаконски акт укажува на тоа дека таа обврска е противправна. Директен резултат на таа противуставност и противзаконитост е на секој граѓанин сопственик на стан да му биде ограничено правото да избира дали ќе се грее и како ќе се грее. Тоа е спротивно на темелните вредности на слободниот пазар и претприемништвото“, вели адвокатот Орце Иваноски, кој исто така нагласува дека со обврската грубо се повредуваат Законот за сопственост и други стварни права и Законот за облигационите односи.

Иваноски е убеден дека Европскиот суд за човековите права би имал поинаква перцепција за проблемот, што би резултирало со пресуди во корист на граѓаните.

foto akademik

„Во македонското судство има парадоксални ситуации. Се носат одлуки врз основа на подзаконски акти, а не врз основа на законските одредби. Се суди по некој прифатен модел и не се гледаат аргументите што ги наведуваат граѓаните и нивните правни застапници“, истакнува Иваноски.

На денешниот настан присуствуваа и граѓани кои се засегнати од обврската за плаќање на надомест, иако кои не користат топлинска енергија ниту пак имаат склучено договор со снабдувачот на топлинска енергија. Тие велат дека таму каде што владее силата, очигледно е дека правото молчи.

„Имаме дискриминација врз сите основи. Се знае како законски е дефиниран потрошувачот. Ние немаме статус на потрошувачи. Некој ни наметнува обврска присилно и ни ги одзема граѓанските права. Го крши Уставот на Република Македонија, но и оди спротивно не само на прописите, туку оди и подалеку – измислува аргументи што се косат со елементарната логика и со законите на физиката.  Потврдено со силата на нашите аргументи, пак, кои секако се логични и правни, може да се каже дека тука не се работи за ништо друго туку за организиран грабеж и за чиста измама поткрепена со владеењето на законот на силата. Изгледа во Македонија важи она што го рекол Цицерон дека кога оружјето и силата зборуваат, правото молчи“, истакнаа граѓаните што беа присутни на советувањето.

М.В / veljanoskim@akademik.mk