/ Прочитано:

3.204

Младите правници го промовираа Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во РМ во 2016 година

Денеска Македонското здружение на млади правници го промовираше Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во РМ во 2016 година. Извештајот е изработен од Македонското здружение на млади правници, во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права.

„Во Македонија нема напредок во поглед на заштитата на човековите права. Вообичаените политики, практики и случаи кои ги повредуваат човековите права, а се присутни во општеството повеќе години, и понатаму се случуваат“, беше истакнато на денешниот настан посветен на презентацијата на Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во РМ во 2016 година.

Особено загрижувачки, нагласуваат од Македонското здружение на млади правници, е забележаното затајување на уставните гаранции за заштита на човековите права, пред сѐ, судската заштита, која доколку би функционирала ефикасно и би била достапна за граѓаните, значително би ја подобрила состојбата со човековите права во Република Македонија.

Младите правници посочуваат дека заштитата и почитувањето на човековите права во текот на 2016 година во голема мера зависеле од општествениот и политичкиот контекст во кој се наоѓаше државата. Во таа насока, младите правници посочуваат на помилувањето на лицата кои беа предмет на интерес на Специјалното јавно обвинителство од страна на претседателот на државата.

„Оваа одлука наиде на сериозен отпор кај дел од општеството и беше повод за неколкумесечни секојдневни протести кои понатаму го добија називот ‘Шарена револуција’. Протестите завршија со договор на 20 јули со кој претставниците на политичките водечки партии постигнаа согласност за одржување на предвремени парламентарни избори, како средство за излез од политичката криза“, велат од МЗМП.

Нерешавањето на политичката криза, подвлекуваат младите правници, предизвика сериозен вакуум во функционирањето на институциите кои се должни да ги штитат човековите права, што влијае негативно во почитувањето на правата воопшто.

На денешната промоција на Годишниот извештај беа презентирани повреди на човековите права кои се забележани и документирани од страна на Проектот  со акцент на дискриминацијата, фемицидите, бегалската криза, како и анализа на ефикасноста на уставно воспоставените механизми за заштита на човековите права.

Во врска со овие теми, на денешниот настан говореа: Гоце Коцевски, коуредник на извештајот, Александра Цветановска, коуредничка на извештајот, адвокатот Лазар Сандев, кој говореше за предизвиците во докажувањето дискриминација по основ на политичка (не)припадност пред судовите и Уставниот суд на РМ, потоа Јасна Оровчанец-Аранѓеловиќ, која говореше за  дискриминацијата кон жените и лицата со попреченост во 2016, адвокатот Благоја Пандовски кој говореше за ненавременото исплаќање на придонесите за здравствено осигурување од страна на работодавачите при што се загрозува здравјето на работниците, Мартина Смилевска-K’чева, програмски менаџер на програмата за права на бегалците и мигрантите, МЗМП која говореше за повредите на човековите права со кои се соочуваат бегалците и мигрантите во РМ во 2016.

Д-р Жарко Алексов, директор на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права, во своето излагање ја истакна важноста на проектот кој дава исклучителен придонес во насока на заштита на човековите права и слободи на македонските граѓани.

Гоце Коцевски, коуредник на извештајот, презентирајќи ги наодите, истакна дека најголем дел предмети што ги води МЗМП се однесуваат на правата од социјална заштита. Жалбената постапка за овие права, вели Коцевски, се одвива во Министерството за труд и социјална политика, а како резултат на промените таму, голем број жалби се заглавени. Коцевски додава дека има и позитивни пресуди од Управен суд, кои се вратени на второстепено согледување, но решенијата не се потпишани, за тие лица да добијат социјална заштита.

Почетокот на 2016 година, беше истакнато на денешниот настан, беше одбележан и со продолжување на бегалската криза започната претходната година и протокот на голем број бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак, како и другите држави од Блискиот Исток и Северна Африка.

„Во февруари 2016 година по спроведените преговори меѓу државите членки на ЕУ и државите кои се наоѓаа во т.н. балканска рута беше донесена одлука да се прекине со физичко затворање на премините каде што поминуваа бегалците на границата со РМ и Република Грција. Затворањето на балканската рута  резултираше со заглавување на значителен број бегалци кои во тој момент се наоѓаа на територијата на РМ, како и со формирање на огромен бегалски камп во Идомени, Р. Грција со повеќе од 40 000 бегалци. Дополнителни импликации од оваа одлука имаше во однос на почитувањето на човековите права и зачестената појава на присилни враќања на територијата од каде што влегле лицата, како и повторно активирање на илегалните канали за шверцување на мигранти“, се посочува во Годишниот извештај на младите правници.

Во извештајот, исто така, се нагласува дека загрижувачки се случаите на убиства на жени сторени при вршење на семејно насилство од страна на сторители кои веќе претходно биле пријавувани како сторители на семејно насилство.

Во овие случаи, истакнуваат младите правници, одговорните служби затаиле и не ги презеле сите мерки кои можеле да се преземат во согласност со законите. Ваквите случаи се чести, посочуваат младите правници и укажуваат на немање можност државата да го заштити животот на жените во случаи на семејно насилство.

Во текот на 2016 година, се вели во Извештајот на младите правници, продолжија поплаките и претставките за несоодветна здравствена заштита во притворските и затворските установи, особено за хронично болните затвореници, како и со неколку смртни случаи на лица лишени од слобода. Во иста насока беа и поплаките за нечовечки услови во кои живеат овие лица, вклучувајќи ги и установите каде што се лекуваат лица со здравствени проблеми од областа на менталното здравје.

Во 2016 година беа забележани значителен број случаи на дискриминација по основ на етничка припадност, пол, политичка (не)припадност и кон претставници на ЛГБТИ-заедницата. Дискриминацијата по основ на етничка припадност се спроведуваше во одредени случаи на граничните премини каде што продолжи практиката на профилирање и спречување лица од ромска етничка припадност да патуваат во странство.

Дополнително, граѓани од оваа етничка група што живеат во крајна сиромаштија имаат отежнат пристап до правата од здравствена заштита, споредено со другите граѓани.

„Дискриминацијата по основ на пол беше забележана, пред сѐ, во областа на работните односи. Непродолжувањето на работниот однос на определено време на работничките кои останале бремени, како негативна појава, продолжи и во 2016 година. ЗРО предвиде различна возраст за можност за продолжување на работниот однос по надминувањето на возраста за пензионирање. Така мажите имаа можност да работат до 67 години, додека жените до 65 години. Ваквата нееднаквост беше констатирана од страна на Уставниот суд и одредбата со која беше воспоставена беше укината“, посочуваат младите правници.

Дискриминацијата по политичка (не)припадност е значително раширена во однос на вработувањето и работењето во органите на државната управа и е сериозен проблем кој, за жал, и покрај неколкуте постапки, сѐ уште нема судска разрешница поради тешкотијата да биде докажан таков случај.

„Особено загрижувачки во однос на заштитата на човековите права е неразрешувањето на скандалот со прислушувањето, за кој и две години по неговото објавување нема ниту правна, ниту пак политичка одговорност“, истакнуваат од МЗМП.

Во 2016 година, додаваат од Здружението, продолжи практиката на жигосување граѓански активисти и вработени во граѓански организации и новинари поради јавното изразување на своите политички ставови и убедувања. Жигосувањето се изврши со јавно објавување на податоци за приходите од работен однос и договор за вршење на услуги кои имаат статус на даночна тајна.

„Во 2016 година беа забележани делумно прикриени и прикриени притисоци спрема одредени групи и индивидуи поради излегување на протест или јавно објавување политички став“, се нагласува во извештајот.

Проектот на УСАИД за заштита на човековите права, спроведуван од Македонското здружение на млади правници, е посветен на унапредување на заштитата и промоцијата на човековите права и демократските вредности во Република Македонија преку правна едукација, стратешко застапување и зајакнување на капацитетите на правните професионалци и граѓанските организации. Искористувајќи ги капацитетите на младите адвокати и правници, проектот овозможува правна заштита на лица кои сметаат дека нивните човекови права се повредени, со цел воспоставување на соодветна судска практика по ова прашање.

М.В