Младите правници поддржаа постапка за утврдување на дискриминација на лице со телесна попреченост
Македонското здружение на млади правници – МЗМП Скопје поддржа постапка за утврдување на дискриминација на лице со телесна попреченост во областа на пристап до добра и услуги.
На 1.12.2017 година адвокатот Диме Ѓорчевски од Скопје поднесе тужба до Основниот суд Кавадарци против Општина Кавадарци, за утврдување на дискриминација на лице со телесна попреченост во областа на пристап до добра и услуги, поради непреземање, односно пропуштање да се преземе дејствие за приспособување на инфраструктурата и просторот и обезбедување пристап до добра и услуги на тужителката како лице со телесна попреченост.
„Веднаш по добивањето на тужбата, Општина Кавадарци го контактирала адвокатот на тужителката со цел вонсудско решавање на спорот. На 20.12.2017 година, полномошниците на странките до судот доставиле заеднички поднесок со кој го известиле судот дека странките постигнале согласност постапката да биде прекината“, информираат од МЗМП.
Во меѓувреме, Општина Кавадарци ги презела сите неопходни мерки за отстранување на повредата на правото и ги приспособила инфраструктурата и просторот на ул. „Лазо Асијата“ согласно со техничките стандарди, за на тужителката како лице со посебни потреби да ѝ се обезбеди пристап до нејзиниот дом.
Откако Општина Кавадарци ги извршила сите приспособувања, адвокатот на тужителот ја повлекол тужбата. Тужителката и нејзиното семејство се благодарни за соработката со општината.
МЗМП ја поздравува брзата и совесна реакција на Општина Кавадарци и ја зема за пример во борбата против дискриминација на лицата со телесна попреченост.
М.В