/ Прочитано:

1.243

Младите правници во врска со пресудата на ЕСЧП за случајот „Љатифи против РМ“

Како што објави Академик, Европскиот суд за човековите права донесе пресуда за случајот „Љатифи против РМ“. Во врска со пресудата Македонското здружение на млади правници (МЗМП) објави соопштение со кое известува дека  на 17 мај 2018 година, Европскиот суд за човекови права во Стразбур во предметот „Љатифи против Република Македонија“ (бр. 19017/16) утврдил дека Република Македонија сторила повреда на Европската конвенција за човекови права кога на жалителката ѝ ја прекинала меѓународната заштита поради тоа што наводно таа претставувала „опасност по националната безбедност“ и ѝ наложила да ја напушти државата.

Судот нашол дека со ваквата одлука на Министерството за внатрешни работи државата ги повредила процедуралните гаранции во случај на протерување на странци, гарантирани со членот 1 од Протоколот број 7 кон Конвенцијата која државата ја има ратификувано.

Во пресудата Европскиот суд за човекови права образложува дека Министерството за внатрешни работи со општа констатација тврдело дека постојат класифицирани информации обезбедени од Управата за безбедност и контраразузнавање, според кои жалителката претставувала опасност по безбедноста во државата, без да посочи соодветни индикации за релевантните факти кои послужиле како основа за таа процена. Сепак, тие докази никогаш не биле изведени пред судовите, ниту пак на жалителката ѝ била дадена можност да ги оспори.

Европскиот суд за човекови права при своето одлучување ја зел предвид редактираната верзија на документот од УБК, кој го доставила Владата, и забележал дека не постоеле доволно детали за поддршка на наводите дека жалителката е опасност по безбедноста. Во согласност со тоа, Судот во Стразбур утврдил дека правата на жалителката се повредени, а одлуките кои ги донеле македонските судови биле формални и без соодветно образложение, со што била сторена повреда на Конвенцијата.

Жалителката во Република Македонија живее од својата осумгодишна возраст, односно од 1999 година, кога со своето семејство избегала од Косово поради конфликтот и побарала заштита во Македонија. Оваа пресуда има огромно значење, како за неа така и за другите бегалци од Косово кои живеат во Македонија, а на кои им е прекината меѓународната заштита. Последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија нотира дека: „Одлуките за престанок на правото на азил ги погодија главно косовските бегалци, чиј статус беше прекинат по 18 години престој во земјата. Косовските Роми беа особено погодени. Во 2017 година, супсидијарната заштита беше укината во 82 случаи кои погодија 162 лица, вклучително и четири случаи врз основа на закана за националната безбедност.“

М.В