/Прочитано:

1.084

Младите правници: Врховниот суд утврди психичко вознемирување на работното место (мобинг)

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) ја информира јавноста дека на 12.02.2020 година, одлучувајќи по предмет поддржан од здружението, Врховниот суд на Република Северна Македонија утврди постоење на психичко вознемирување на работното место (мобинг).

„Врховниот суд на РСМ одлучувал по поднесена ревизија на пресуда на Апелациониот суд Скопје, кој што првостепената пресуда на Основен граѓански суд Скопје ја преиначил на начин што тужбеното барање на тужителот го одбил како неосновано.

Тужителот е вработен во државна институција и по добивање на пресуда по претходно воден работен спор, со која е вратен на работното место, започнал во контиунитет да трпи психичко вознемирување на работното место на начин што бил ставен во целосна изолација, не добивал работни задачи, не бил испратен на ниту едно патување, ниту стручно усовршување, односно обука, не добивал никакви документи за извршување на работните обврски, не бил повикуван на состаноци и колегиуми и немал основни услови за работа. Тужителот поднесувал барања за користење на годишниот одмор, но истите биле игнорирани, поради што тој не можел да го искористи годишниот одмор, ниту му бил исплатен надомест за неискористениот дел од годишниот одмор. Ваквата фактичка состојба подоцна била утврдена и од Државниот инспектор за труд. Дополнително тужителот немал пристап до електронскиот систем и интернетот на работното место.

Врховниот суд  утврдил дека не била правилна примената за товарот на докажување за непостоење на мобинг кој е на страна на тужените. Односно дека тужените требало да докажат дека нивното однесување не е со цел одреден вработен психички да биде вознемирен. Во конкретниот случај судот утврдил дека прво и второтужениот не доставиле докази дека на истоветен начин се однесувале и кон другите вработени. Судот утврдил дека согласно Законот за заштита од вознемирување на работното место, заштитата на правата од работен однос според Законот за работните односи, не е од влијание за поведување постапка за утврдување на психичко вознемирување на работното место. Како и дека вознемирувањето на работното место не секогаш мора да заврши со напуштање на работното место или престанок на работниот однос, туку за негово утврдување од значење се последиците кои настануваат за работникот како резултат на однесувањето.

Тужителот беше застапуван од адвокат Петро Јанура од Скопје, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници“, соопштуваат од Здружението.

М.В

Спонзориран текст