/ Прочитано:

1.521

Многу ниска конкуренција на локалните тендери

Центарот за граѓански комуникации денеска го објави резултатите од редовниот мониторинг на постапките за јавни набавки спроведени од институции на локално ниво во периодот април-септември 2017 год., кој покажа неколку главни констатации.

Ниската конкуренција на локалните тендери и натаму продолжува да се движи под три понудувачи, што се смета за минимум конкуренција. На мониторираните тендери имало просечно по 2,8 понудувачи. Она што дополнително загрижува е зголемениот процент на тендери со една или ниту една понуда, кој скокна дури на 40% во мониторираниот период, највисоко ниво во последните 3 години.

Процентот на поништени постапки за јавни набавки во мониторираниот примерок скокна на 20%, достигнувајќи ја повторно највисоката граница во последните пет години. Во дури 50% од поништените постапки, причина за поништување било немањето ниту една понуда.

Електронската аукција се одржала само во 58% од мониторираните тендери. Таа е успешна само кај набавките со поголема конкуренција, додека во другите е само формална и често изгледа како фирмите да се договараат како ќе настапат на аукцијата.

Како во ниту еден друг период претходно, во текот на овој мониториран период, податоците побарани преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во дури 28% од тендерите се обезбедени по пат на жалба до Комисијата за заштита на ова право.

Извештајот од мониторингот е достапен на тука.

М.В