/ Прочитано:

1.533

Многу планини – ниеден пропис: Со нов Закон за планински патеки пратениците ќе „пропешачат“ 2000 км низ парадоксот тежок како планина

Планинските патеки во земјава ќе се заштитуваат со закон – одбележувањето, одржувањето и категоризацијата на планинските патеки се примарни елементи во новиот Предлог – закон за планински патеки, за кој од Федерацијата на планинарски спортови на Република Македонија велат дека е позитивен чекор.

Предлагач на Законот за планински патеки е Министерството за животна средина и просторно планирање, кое проценува дека во Македонија постојат околу 2000 км на планински патеки, кои директно или индиректно се користат за планинарски спортови.

Да се превенира промашувањето на патеката и загубувањето на планинарите

„Состојбата со планинските патеки е таква да само делумно обележани и тоа во најголем случај со знаци-патокази, а мал дел со знаци кои ја означуваат безбедноста на патеката. Ова означување најчесто е направено на волонтерска основа од страна на планинарските друштва кои ја користат патеката. Ваквата ситуација доведува до случаи на промашување на патеката, загубување на планинарите и корисниците на патеката, а понекогаш доведува и до ситуации каде се загрозува нивниот живот“, образложуваат од министерството.

Според податоците, состојбата со планинските патеки е многу подобра на оние патеки кои се простираат низ подрачјата на националните паркови или на парковите шуми. Ова укажува на фактот дека кога е определен субјектот кој треба да се грижи со планинските патеки, се зголемува одговорноста за состојбата на планинските патеки, но истовремено и се подобрува нивната сигурност.

Многу планини – ниеден пропис

Анализите покажуваат дека во Република Македонија не постои пропис со кој се уредува постапувањето и управувањето со планинските патеки. Тие сознанија ги потврдуваат и од Министерството за животна средина.

Според досегашната практика, уредувањето на патеките се одвиваше на волонтерска основа, а согласно прописите кои се блиски и сродни на материјата, како што се прописите од областа на заштита на природата и управувањето со шумите.

Воедно,  на локално ниво постојат одредени одлуки на општини кои го уредуваат начинот на користење на планинските патеки.

Дополнително, обележувањето на патеките се вршеше врз основа на меѓународно прифатените знаци кои се уште не се официјално прифатени во Република Македонија.

Патеките ќе се обележуваат, одржуваат и категоризираат

Од овие причини Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за економија, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија и Федерацијата на планинарски спортови на Македонија најавува дека се пристапило кон изработка и предложување на Законот за планински патеки.

„Исто така, предложениот закон за планински патеки е во насока на регулирање на планинарските патеки и нивно обележување и одржување, како и категоризација на планинските патеки според тежината и намената за кои ќе има посебни информативни материјали“ наведуваат од таму.

ФПСМ: Се раководевме според наш интерен правилник од пред половина век

Од Федерацијата на планинарски спортови на Република Македонија не го кријат задоволството што биле вклучени во процесот за креирање на законското решение.

И покрај легаслитивните забелешки кои ги констатираат, од таму истакнуваат дека законот е позитивен чекор, најмногу заради фактот што за првапат како организација се третираат и консултираат како априорен чинител и општествен фактор во социолошко-правен контекст.

„Многу работи или се донесени прерано или предоцна, а во овој случај после многу години. Добро е што се презема активност за креирање на законска рамка. Тоа ќе придонесе за заштита на патеките, природата, но и самата безбедност на планинарите. Суштината на предложеното решение е во регулацијата, заштитата, одбележувањето и одржувањето на планинските патеки, и тоа секако директно влијае и врз статусот на природата, а и врз статусот на планинарите, спортистите,  корисниците на патеките и граѓаните“ потенцираат од Федерацијата.


Автор: Милчо Велјаноски Објавено: 04. 2. 2014