Модул за автоматски поврат на даноци и систем за управување со царински декларации
Навремен и неселективен поврат на ДДВ преку модул за автоматски поврат, електронско следење на плановите за јавните набавки, како и електронско обработување на царинските декларации и акцизните документи. Министерството за финансии заедно со УЈП и со Царинската управа минатата година работеше на дигитализација на процесите сѐ со цел подобрување на услугите за граѓаните и за фирмите.
Управата за јавни приходи направи Модул за автоматски поврат и пребивање даноци кон сите даночни обврзници. Главната цел е прецизно и навремено извршување на повратот и пребивањето даноци кон даночните обврзници, информира министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Модулот за автоматски поврат и пребивање ќе стартува во текот на оваа година.
Паралелно, во насока на подобрување на услугите за фирмите, минатата година Министерството заедно со Царинската управа работеше и на Системот за управување со царински декларации.
Системот за управување со царински декларации на почетокот на февруари ќе почне да се применува на 11 пилот-проект царински испостави, а веќе од средината на годината ќе почне да се применува во сите царински испостави во земјава.
„На овој начин за фирмите значително се скратуваат трошоците и се намалува времето во подготовка и поднесување на документите. Сите документи ќе се поднесуваат електронски од која било точка во која било царинска испостава. Наша цел е да се автоматизираат процесите и со тоа да им се понудат подобри услуги и на граѓаните и на компаниите“, вели Тевдовски.
Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе овозможи и размена на податоците со другите институции, како на пример со Управата за јавни приходи при поднесување пријави за ДДВ, кон кои се поднесуваат царински декларации или со Заводот за статистика и Народна банка за податоци за увоз и извоз.
М.В