/ Прочитано:

1.247

Моќниот канадски адвокат со македонско потекло, Крис Палиаре, ни ја откри тајната на успехот

„Со голема страст и уживање посветете ѝ се на работата“, Крис Палиаре канадскиот адвокат со македонско потекло, кој се најде меѓу 50-те највлијателни луѓе во Канада, според листата на угледниот магазин „Торонто лајф“, ни ја откри тајната на својот успех. Сепак, повеќе зборувавме за неговата љубов кон Македонија, а помалку за неговите мултимилионски зделки кои вклучуваат и спор со актуелниот премиер на Канада. Со милји е оддалечен од нас, но никогаш не ги заборавил сонародниците од каде потекнува; со години бесплатно ги застапува Македонците за кршењето на нивните човекови права во Грција.  

68-годишниот Крис Палиере е канадски адвокат кој потекнува од Егејска Македонија. Во Канада е познат како врвен советник на мултимилионските компании и извршните директори, а на далеку се слуша и за неговата дискреција како една од неговите професионални карактеристики. Годинава се најде на листата на 50 највлијателни луѓе во Канада што ја изработи магазинот „Торонто Лајф“. Во неговата адвокатска канцеларија во Торонто работат над 30 адвокати кои секојдневно пред судовите застапуваат милионски компании и лица од високите кругови. 

Неговите баба и дедо емигрирале во Канада уште во 1910 година, подоцна неговите родители отвориле ресторан во Торонто, а денеска неговата 92-годишна мајка е горда на синот кој во целост ги исполнил нејзините очекувања.

За Палиере клучот на успехот е во страста и уживањето во работата. Се потсетува на ресторанот во Торонто во кој додека студирал редовно работел, а го водел неговиот татко. По поминатите децении оттогаш смета дека упорноста и вредното работење го наследил од неговиот татко.

„Не постои вистинска тајна за да станете успешен адвокат. Она што е потребно за да бидете успешен адвокат, а тоа се однесува за успех на сите полиња е да имате страст за она што го работите и конечно да уживате во тоа. Исто така, не постои замена за добра подготовка или многу вложен труд без разлика на тоа дали се работи за менаџирање на ресторан со што се занимаваше мојот татко, или занимавање со правото“, вели Палиаре.

Откако комплетно завршил со изучувањето на правните науки во Торонто, станал адвокат. Занаетот го печел низ судовите во Онтарио, вклучувајќи го Апелациониот суд на Онтарио. Подоцна застапувал многу случаи и пред највисокиот Врховен суд во истиот град.

Палиаре на канадската јавност и е познат и по случајот со актуелниот премиер на оваа држава – Стивен Харпер и Либералната партија на Канада. Имено, премиерот Харпер пред неколку години ги тужеше за клевета своите политички ривали, либералците застапувани од Палиере, бидејќи јавно ја обвинија неговата партија дека му понудиле мито од 1 милион евра на независниот пратеник Чак Кадман со цел тој да гласа против одреден предлог на закон.

„За жал, случајот со премиерот Харпер, во кој ја застапував Либералната партија на Канада, беше решен откако го завршив своето вкрстено испрашување на премиерот. Очекувавме случајот да има истрага, но на крајот тужбата против Либералната партија и останатите беше повлечена од премиерот“, објаснува Палиаре.

Палиаре со години бара правда за Македонците од Егејска Македонија

Палиаре со години бара правда за Македонците од Егејска Македонија. Не ги крие импресиите за своето искуство на неколку конференции на ОБСЕ на кои се зборувало за кршењето на правата на малцинствата. На конференциите учествувале земји потписнички на Хелсиншкиот договор за почитување на човековите права, а меѓу нив е и Грција.

„Сакав да заблескаме со нашиот говор, центарот на вниманието беше насилното, крволочно, историско и систематско кршење на човековите права на македонското малцинство во Грција, земјата која се нарекува „лулка на демократијата“. Задоволство ми беше што бев дел од групата која ја изложи Грција како најголем прекршител на човековите права во Европска Унија. На конференцијата буквално им бев портпарол на двајцата храбри Македонци кои им се спротивставија на грчките власти и страдаа поради нивната етничка припадност“, раскажува тој.

За економските и политичките случувања во земјава Палиаре вели дека е тешко за оваа тема да се зборува кога си на толкава оддалеченот. За проблемот со името е дециден, Македонија секогаш била и ќе биде само Република Македонија.

„Што се однесува за проблемот за името со Грција имам многу специфични погледи. Под никакви околности Македонија не смее да го промени името. Македонија секогаш била и ќе биде само Република Македонија. За влезот на земјата во НАТО и ЕУ, тоа е само политичка одлука од страна на оние што живеат во земјата.  Прашањето е премногу сложено за оние што живеат илјадници милји далеку. Слично, немам став ниту за економската состојба на земјата, знам дека земјата на економски план се бори. На политички фронт, во неколку прилики сум се сретнал со премиерот Груевски. Ми остави впечаток на амбициозна личност која има визија и енергија за да ја насочи земјата во вистински правец, се надевам дека ќе продолжи со тоа темпо“, вели нашиот соговорник.

Во земјава дошол неколкупати, за првпат во 1991 година кога Македонија прогласи независнот, а Охрид го издвојува како град кој му оставил најголем впечаток. Во сеќавање му е и поранешниот претседател Киро Глигоров, кој го сретнал во неколку прилики, а му оставил впечаток како брилијантен и шармантен државник.

„Дадов голем напор што повеќе земји да ја признаат Македонија како независна и самостојна Република. Исто така се залагав Меѓународната банка за реконструкција и развој (МБРР) да одобри што повеќе средства во времето кога земјата прогласи независност бидејќи како млада земја и беа потребни што повеќе средства“, го завршува нашиот разговор еден од највлијателните луѓе во Канада, адвокатот Палиере.


Разговараше: Паула Божиновски

Објавено: 18.01.2013 година