/ Прочитано:

1.919

МОН го објави новиот Предлог-закон за заемно признавање на професионалните квалификации

Министерството за образование и наука го објави текстот на Законот за заемно признавање на професионалните квалификации. Овој закон ќе ја регулира процедурата и ќе ги утврдува надлежните власти за признавање на професионалните квалификации во Република Македонија за регулирани професии од општиот систем, за регулирани активности и за секторски професии.

Овој закон, се вели во законското решение, исто така ги одредува правилата за обезбедување услуги на територијата на Република Македонија, како и за признавање на професионалните обуки.

Регулираните професии (секторските и професиите од општиот систем) или регулираните активности, во согласност овој закон,  можат да бидат остварени преку самовработување или вработување на територијата на Република Македонија.

Регулирана професија е професионална активност или група професионални активности, чиј пристап  или начин на извршување е регулиран со законски или друг правен акт и/или пак е условен со поседување на професионална квалификација или професионална активност или активности кои ги извршуваат лица во професионални организации и користат и  имаат професионален назив.

Секторски професии за кои ќе се применува автоматско признавање на професионалните квалификации се: доктор по медицина, доктор по дентална медицина, медицинска сестра, акушерка, архитект, доктор по ветеринарна медицина, фармацевт.

Одредбите на овој закон се применуваат на државјаните на земјите членки на Европската Унија, на земјите од Европската економска заедница и на Швајцарската Конфедерација, кои ги имаат остварено своите професионални квалификации во земји членки на ЕУ, на ЕЕЗ или во Швајцарската Конфедерација.

„Признавањето на професионалните квалификации од надлежните власти ќе му овозможи на барателот пристап до истите регулирани професии или регулирани активности како тие за кои се квалификувани во матичната земја членка и да ги извршуваат на територијата на Република Македонија под исти услови како и нејзините државјани“, се вели во предложеното законско решение, чијшто интегрален текст може да се погледне на следниот линк.

МОН подготвува Закон за заемно признавање на професионалните квалификации

М.В