/ Прочитано:

880

МОН: Oние кои неоправдано ќе отсуствуваат од екстерното тестирањето, нема да добијат свидетелство

Понеделник, 27 мај 2013 – Иако со извесни проблеми во неколку училишта поради пад на системот уште на самиот почеток, во сите основни и средни училишта ширум Македонија во тек е екстерното оценување. Тестирањето се одвива по електронски пат, а правилата велат дека учениците за  60 минути треба да одговорат на 30 прашања. За оние кои неоправдано ќе отсуствуваат од тестирањето, нема свидетелство, предупредуваат од Министерството за образование.

„Учениците кои од оправдани причини нема да присуствуваат на екстеното тестирање од 27.05-10.06, ќе имаат можат да полагаат екстерни тестови во наредните две сесии од  17 до 21 јуни или од 15 до 21 август.  Оние, пак, кои неоправдано ќе отсуствуваат од тестирањето, нема да добијат свидетелство“, посочуваат од МОН.

Според министерството, екстерното тестирање ќе биде потврда на знаењето што сте го стекнале во текот на учебната година, а наставниците ќе бидат заштитени од притисоци на родители да поправаат оценки. Изземени од електронско тестирање се матурантите зашто ќе полaгаат државна матура (на 8-ми и на 11 јуни) и учениците од прво, второ и трето одделение кои се оценуваат описно.  Оценките кои ученикот ќе ги добие по двата предмета од екстерното тестирање ќе бидат впишани во свидетелството и ќе влијаат на неговиот вкупен успех.

Со екстерното тестирање се опфатени 200 илјади ученици и 15 илјади наставници.

Оние, пак, што деновиве излегоа на улица да протестираат, сметаат дека тестирањето е само дополнително оптоварување за учениците, а целиот процес е лошо поставен.

Уставниот суд во февруари годинава донесе одлука да не поведе постапка  по иницијативата за укинување на одредбите што се однесуваат на прашања поврзани со екстерното проверување на успехот на учениците во средните училишта. Според судот судот правилата содржани во законските одредби не се несогласни со Уставот, ниту од аспект на повреда на начелото на еднаквоста меѓу наставниците, ниту од аспект на владеењето на правото, со оглед дека се доволно прецизни и не доведуваат во прашање правна сигурност.