МОН со ново соопштение за Законот за учебници
„Новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали, кој е современо решение базирано на глобални образовни стандарди и кој значително ќе ја унапреди наставата, интеракцијата помеѓу наставниците и учениците, ќе го намали обемот на домашните задачи и работата на родителите и старателите со учениците и ќе донесе подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем, не смее да биде причина за бојкот на наставата.
По објавувањето на информации во дел од медиумите дека учениците од одредени средни училишта се организираат денес да ја бојкотираат наставата, Министерството за образование и наука упатува апел до нив и до нивните семејства да продолжат да учествуваат во воспитно-образовниот процес, кој треба да биде нивна единствена грижа и интерес. Во спротивно, отсуството од часови и настава значи загубено време и знаење кое понатаму тешко се надоместува.
Бојкотот на наставата значи отпор кон промените кои се креирани согласно времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат. Од интерес е за сите сегашни и идни генерации на ученици, македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и да фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет, меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците.
Истовремено, нагласуваме дека исклучително е важно во целиот овој процес да се следат сите официјални информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебници, кои транспарентно и на дневна основа ги дава Министерството за образование и наука и другите институции кои учествуваат во креирањето на промените. Сите други извори не се релевантни, а многу често и информациите кои се пласираат особено по социјалните медиуми имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства“, соопштуваат од МОН.
Утврден текстот на Законот за учебници и други наставни и дидактички материјали
Законот за учебници вратен на дополнување
Што се предвидува во новиот Закон за учебници, кој е во собраниска процедура
МОН во врска со новиот Закон за учебници чија цел е дигитализација на учебниците
МОН подготвува нов Закон за учебници
МОН: Во тек е подготовка на целосно нов Закон за учебници
М.В