/ Прочитано:

1.555

Мониторинг на работата на Народниот правобранител: „Омбудсманот – меѓу мандатот и капацитетите“

Во заклучоците на извештајот кој е  изработен во рамки на проектот „Омбудсманот - меѓу мандатот и капацитетите“ на НВО Инфоцентар и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, а кој денеска го презентираше Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар, е нагласено дека последните законски измени кои стапија во сила во март годинава сериозно го прошируваат мандатот на Народниот правобранител, но не овозможуваат негова финансиска независност. Загриженоста е уште поголема поради фактот што ставката за плати во буџетот за 2017 година е намалена во однос на претходната година. Оттука, како што беше нагласено, ваквиот потег на досегашната власт покажува дека таа немала намера да го поддржи и да го поттикне ефикасното и ефективно спроведување на зголемените законски надлежности на Народниот правобранител.

Мониторингот на работата на Народниот правобранител на Република Македонија од страна на НВО Инфоцентарот и Хелсиншкиот комитет за човекови права покажува дека со новите законски измени Омбудсманот добива повеќе надлежности и функции, но нема доволно финансии и кадар за нивна целосна реализација.

Во заклучоците на извештајот кој е  изработен во рамки на проектот „Омбудсманот – меѓу мандатот и капацитетите“ на НВО Инфоцентар и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, а кој денеска го презентираше Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар, е нагласено дека последните законски измени кои стапија во сила во март годинава сериозно го прошируваат мандатот на Народниот правобранител, но не овозможуваат негова финансиска независност. Загриженоста е уште поголема поради фактот што ставката за плати во буџетот за 2017 година е намалена во однос на претходната година. Оттука, како што беше нагласено, ваквиот потег на досегашната власт покажува дека таа немала намера да го поддржи и да го поттикне ефикасното и ефективно спроведување на зголемените законски надлежности на Народниот правобранител.

Народниот правобранител, Иџет Мемети, истакна дека правната рамка за поставување на институцијата Народен правобранител во Република Македонија е многу добро поставена, но од друга страна не успева да ги даде резултатите.

„Потребни се реални услови за спроведување на прописите. Не може оваа институција да се справи со сите предизвици кои го има, особено со новите измени, ако нема човечки ресурси и финансии. Овие два сегмента се клучни за добро функционирање на институцијата, а сè додека институцијата Народен правобранител нема доволно човечки ресурси, односно кадар и не располага со доволно финансии, ќе постојат сериозни проблеми во работата на Омбудсманот. Мисијата на Народниот правобранител е доброто владеење на правото и како на подобар начин да се промовираат и штитат човековите права, но сè додека не се овозможат јаки кадровски капацитети и доволно средства, нема да може со полна ефективност да ја извршува функцијата“, нагласи Мемети. 

Во заклучоците на извештајот се истакнува дека буџетот на Народниот правобранител треба да биде независен и поголем, а мора да бидат вработени и нови лица кои ќе имаат повисок стручен профил. Некои од соговорниците, како што се нагласува, сметаат дека е нужна нова внатрешна организациска поставеност, зголемување на платите, како и нова политика на управување со човечките капацитети која ќе овозможува напредување, наградување, усовршување, обучување и други форми на поттикнување и мотивација на вработените во нивните индивидуални професионални капацитети.

„Едно од најгорливите прашања останува функционирањето на Националниот превентивен механизам, кој досега опстојува само како резултат на донации од меѓународните организации. Нашите соговорници сметаат дека ваквата состојба е алармантна и дека мора да се промени во најскоро време, односно Народниот правобранител мора да има независен буџет и стручен тим, како впрочем во секоја демократска држава. Состојбата со човечки капацитети е загрижувачка, особено имајќи го предвид фактот дека во шесте регионални канцеларии има само по двајца вработени, што дополнително негативно влијае врз главната канцеларија во Скопје. Во оваа насока, соговорниците сметаат дека регионалните канцеларии треба да се доекипираат и дека на тој начин ќе престанат да бидат само ‘пасивна курирна служба за претставки’ и ќе можат посуштински и поефикасно да одговорат на потребите на граѓаните во локалните заедници“, се потенцира во извештајот од мониторингот на работата на Народниот правобранител.

Токму затоа, истакна Бејкова, ваквата состојба мора да биде надмината во најскоро време, односно мора да постои реална политичка волја која ќе му овозможи на Народниот правобранител непречено, независно и стручно да ги развива своите капацитети и на тој начин успешно и ефикасно да ги промовира и штити човековите права на сите граѓани во Република Македонија.

А. Б.