/ Прочитано:

910

„МОНСТРУМ“ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА: Укинување на пресудата и враќање на предметот на повторно судење, бара одбраната

Петок, 11 септември 2015 – Укинување на првостепената пресуда и враќање на предметот на повторно судење побара одбраната на обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро, кои со првостепената пресуда беа осудени на доживотен затвор. 

Апелациониот суд Скопје, денеска на јавна седница ги разгледуваше жалбите поднесени на првостепената пресуда за случајот „Монструм“, со која шест лица беа осудени на доживотен затвор, а еден обвинет беше ослободен од обвинение за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Во судот беа донесени сите обвинети, освен Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во затвор во Косово.

Судијата-известител Зоран Димитриевски најпрвин ја прочита првостепената пресуда со која шестмина обвинети беа осудени на казни доживотен затвор, а обвинетиот Сејди Рами, поради недостиг на докази, беше ослободен.

Според пресудата, обвинетите, пред да го сторат масакрот, го разгледувале теренот и набљудувале кој доаѓа на местото. Мотивот за свирепото убиство кое ја потресе целата македонска јавност, според пресудата и обвинението, е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Исказите на сведоците, фотоалбумот со 156 фотографии, деталната листа на телефонските повици од мобилните телефони на убиените, секционите протоколи и вештачењата се само дел од доказите врз основа на кои Кривичниот суд ја донел пресудата за случајот и кои беа споменати на седницата.

>> (ФОТО) „МОНСТРУМ“ ПРЕСУДА: Доживотна казна затвор за шестмина обвинети, една ослободителна пресуда

На седницата која траеше до доцните попладневни часови, одбраната, како и во текот на целата првостепена постапка, повторно тврдеше дека нема докази дека обвинетите се сторители на петкратното убиство. Пресудата на Основниот суд Скопје 1, бранителите,  ја оценија како нејасна и противречна, а доказите кои судот ги ценел, како ирелевантни. Исказот на заштитениот сведок го нарекоа  лажен. Според нив, тој  зборувал под притисок. Побараа од повисокиот суд да се укине првостепената пресуда како незаконска и постапката да почне од почеток.

Обвинетите, пак, повторно тврдеа дека се невини, а случајот монтиран. „Оваа пресуда е монтирана од државата. Не’ прогласија за виновни уште кога не приведоа. Без аргументи и докази не казнија со максимални казни“, рече обвинетиот Фејзи Азири. Вишата обвинителка му предложи судот да ги одбие жалбите на одбраната, бидејќи, како што рече, судијата успешно го склопил мозаикот во пресудата. Според обвинителството, жалбите се паушални и со нив не се истакнала ниту една суштествена повреда на постапката. Таа исто така предложи да биде одбиена и жалбата на обвинителката за ослободителната пресуда за Сејди Рами, бидејќи, како што рече, немало доволно докази да биде прогласен за виновен.
Маскарот кај Смилковското езеро се случи на 12 април 2012 година, на верскиот празник Велики Четврток. Од само метар и половина, брутално е стрелано во Цветанчо Ацевски (19), Кире Тричковски (21), Александар Накевски (18), Филип Славковски (20) и Борче Стевковски (45). За овој грозоморен чин, Обвинителството ги обвини за тероризам Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и неговиот брат Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири , Сејди Рами  и Хаки Азири.

Првостепениот суд на 30 јули минатата година, сите обвинети, освен Рами, ги прогласи за виновни и ги осуди на доживотен затвор.

Првообвинетите, Демири и Исмаиловиќ, и понатаму се недостапни за македонските судови, откако косовскиот Суд ги осуди на две и пол години затвор за недозволено поседување оружје.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.