„Монструм“: Тероризам или имотно правни односи, обвинението посочува 2 мотива, тврди одбраната
Среда, 31 октомври 2012 – Без материјални докази, само со телефонски транскрипти од обвинетите, реконструкцијата и изјави од 6 сведоци, вака одбраната во случајот „Монструм“, адвокатот Насер Рауфи за Академик го објаснува обвинението напишано на 12 страници за петкратното убиство што се случи кај Железарското езеро.
„Нема никакви материјални докази, нема ДНК, немаат нивни отпечатоци, основата на обвинението се состои само од снимени телефонски разговори на обвинетите, изјавите на сведоците и факти утврдени од направената реконструкција“, вели адвокатот Насер Рауфи кој денеска го подигнал обвинителниот акт од Кривичниот суд во Скопје.
Адвокат Рауфи појаснува дека во обвинението се појавиле сведоци за кои тој досега не слушнал за нив. Како што вели, се уште немал увид во предметот, дури денеска поднел барање за да може од утре да ја спрема својата одбрана. Откако ќе направи увид во предметот, Рауфи вели дека ќе знае што е со другите докази на МВР, меѓу кои автомобилот што беше пронајден непосредно во близина на местото на убиството.
Според одбраната, во обвинението се наведени 2 мотива за петкратното убиство кај Смиљковското езеро. Едниот мотив го објаснува делото тероризам, односно обвинетите имале за цел да предизвикаат несигурност кај населението и да ја нарушат безбедноста во земјава, а другиот мотив бил од имотно правни односи. Според Рауфи, четвртообвинетиот Фејзи Азири имал договор за закуп на земјиштето што се наоѓало кај Железарското езеро.
„Обвинителството како мотив ја гледа огорченоста на обвинетиот зошто излетници претстојуваат на неговиот приватен имот“, објаснува Рауфи.
Најмногу за еден месец се очекува да почне судска постапка за грозоморното убиство што ја потресе целата земја. Во очи на Велигденските празници, на 12 април свирепо беа убиени Александар Наќевски, Филип Славковски, Кире Тричковски, Цветанчо Ацковски и Борче Стефановски. Обвинителството ги посочува Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и неговиот брат Агим за директни извршители на петкратното убиство, а Фејзи Азири и Рами Сејди се обвинети за помагање.
Тројца од обвинетите се во притвор, додека Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, се во бегство, а полицијата се сомнева дека избегале на Косово.