/ Прочитано:

1.472

„МОСАК ФОНСЕКА“: Објавувањето на доверливи документи откри како богатите и славните го користеле даночниот рај за да го прикријат своето богатство

„Мосак Фонсека“ стана позната вчера откако од неа протекоа 11,5 милиони документи кои се однесуваат на тоа како богатите и моќни светски лидери и луѓе ги користеле земјите кои се даночен рај за да го сокријат своето богатство.

Мосак Фонсека

Единаесет милиони документи на една од најтајните светски компании, панамската адвокатска компанија „Мосак Фонсека“, беа објавени во јавноста. Тие покажуваат како компанијата им помагала на своите клиенти во перењето пари, во избегнувањето санкции и во неплаќањето даноци.

Која е „Мосак Фонсека“?

Панамската адвокатска фирма врши меѓународни услуги и преставува мрежа од 600 лица кои работат во 42 земји. Таа има франшизи секаде низ светот, а филијалите привлекуваат нови клиенти и имаат ексклузивни права да го користат нејзиниот заштитен знак. „Мосак Фонсека“ работи во земји што претставуваат даночен рај, како што се: Швајцарија, Кипар и Британските Девствени Острови. Бројот на компании за кои посредува „Мосак Фонсека“ изнесува над 300 илјади што ја прави четврта по големина во светот која врши услуги за офшор-компании.

Компанијата е основана во 1977 година од страна на Јурген Мосак и Рамон Фонсека и специјализирана е за трговско право, за услуги поврзани со фондови, за советување на инвеститори и меѓународни структури.

Оваа компанија е една од најголемите во индустријата за корпоративни услуги. Исто така, нуди и услуги за заштита на интелектуалната сопственост и услуги од областа на приморското право.

Адвокатите од компанијата се испраќаат во странство во улога на неформални амбасадори на водењето бизнис во Панама и на панамските финансиски производи, но исто така се појавуваат на панел-дискусии во Панама на кои ги објаснуваат промените во финансиската индустрија во Панама.

„Мосек Фонсека“ се занимава и со добротворна работа во заедниците каде што има свои канцеларии. Таа има 9 канцеларии во Кина, неколку во Јужна Америка, во  Соединетите Американски Држави и во Европа, како и две канцеларии во Швајцарија.

Најнови реакции за панамските документи

Францускиот претседател, Франсоа Оланд, го поздрави откривањето на документите поради тоа што „ќе ги зголеми даночните приходи од оние што извршиле измама“.

Портпаролката на Кабинетот на премиерот Камерон, Хелен Бауер,  одбила да даде изјава во врска со тоа дали сѐ уште поседува пари во панамскиот фонд семејството на Камерон. Портпаролката изјавила дека тоа е, сепак, приватно прашање и дека ќе ги следи постапките на Владата. Исто така, одбила да ја коментира веста дека таткото на британскиот премиер, Дејвид Камерон, учествувал во овој скандал.

„Ројтерс“ објавува најнова вест од Украина каде што украинскиот јавен обвинител Владислав Кутсенко изјавил дека нема докази, врз основа на објавените документи, за тоа дека претседателот Петро Порошенко извршил криминал и дека не гледа никакви елементи за какво било кривично дело.

Исто така, со изјава се јавил и портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, кој ги отфрлил сите тврдења кои, според него, се дел од заговорот против Русија со цел да се дискредитира претседателот пред претстојните парламентарните избори.

Според портпаролот Димитри Песков, во овој случај се работи за „путинофобија”, која го достигнала нивото кога е невозможно да се слушне добар збор за Русија, туку се слушаат само негативни коментари.

Вики Ренсон, која е официјалниот претставник на Одделот за јавни приходи и царина на британската влада, изјавила дека е многу заинтересирана за овие податоци бидејќи ќе можат да се споредат со податоците што ги поседува овој орган и со тоа ќе се види дали тие ќе бидат корисни за понатамошната истрага за избегнување на плаќањето данок.

Податоците од документите откриваат 12 сегашни и поранешни шефови на држави и околу 60 луѓе поврзани со нив. Меѓу нив е и исландскиот премиер, Сигмундур Гунлигсон, кој ја немал пријавено каматата поврзана со богатството на неговата сопруга, поради што сега се соочува со барања за негова оставка.

Објавените документи, исто така, откриваат перење на 2 милиони долари од страна на блиски соработници на рускиот претседател, Владимир Путин.

Документите, исто така, содржат информации за тајни офшор-компании кои се поврзуваат со семејството и соработниците на поранешниот претседател на Египет, Хосни Мубарак, поранешниот лидер на Либија, Моамер Гадафи и сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Tим на новинари од целиот свет ги објави „Панама документите”

ЏерардРајл, директорот на Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи, вели дека документите се однесуваат на секојдневната работа на „Мосак Фонсека“ низ изминатите 40 години.

„Мислам дека објавувањето на документите ќе биде можеби најголемиот удар што досега му бил нанесен на офшор-светот поради обемот на документите.“

Мосак Фонсека

Компанијата тврди дека жртва на интернационална кампања против приватноста

Компанијата, пак, вели дека работела беспрекорно во изминатите 40 години и дека никогаш не била обвинета дека работи незаконски.

Првиот човек на „Мосак Фонсека“, пак, негира дека неговата компанија работела незаконски и вели дека фирмата е жртва на „интернационална кампања против приватноста“.

Рамон Фонсека, директорот на панамската „Мосак Фонсека“, во интервју за „Ројтерс“ вели дека неговата фирма претрпела успешен, но ограничен хакерски напад.

Фонсека нагласува дека адвокатската фирма не е одговорна за активностите на компаниите кои ги застапува.

„Ние сме посветени на создавањето правни структури кои ги продаваме на банки, адвокати, сметководители и на фондови, и тие имаат свои клиенти за кои ние не знаеме ништо, вели Фонсека.

Тој вели дека нивните клиенти биле известени за новонастанатиот проблем, додавајќи дека фирмата била нападната од интернационална кампања против приватноста.

„Убедени сме дека постои интернационална кампања против приватноста. Приватноста е основно човеково право, но постојат луѓе во светот кои не го разбираат тоа и ние и понатаму сме уверени дека ќе продолжи да се почитува  приватноста за да може и правната приватност да функционира“, вели Фонсека.

Во изјава на компанијата објавена за „Гардијан“ се наведува дека:

„Според досега познатите податоци, нашата компанија е цел на недозволен пристап до документи и информации кои се одземени од нашата компанија и кои се извадени од контекст“.

Владата на Панама истакна дека ќе соработува во евентуалната судска постапка која би била поведена врз основа на обвинувањата што се однесуваат на оваа компанија.