/ Прочитано:

890

МОСТ: Неправилности забележани во Велес, Кочани и Гостивар

Недела, 7 април 2013 – Сите гласачки места на кои Граѓанската асоцијација МОСТ има свои набљудувачи се отворени. Од утрово од седум часот кога беа отворени гласачките места набљудувачите на МОСТ регистрирале прекини на неколку  од нив, информираа на денешната прес-конференција.

Извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов, на прес конференција информираше за неколку неправилсноти кои ги регистрирале набљудувачите на МОСТ. 

На гласачкото место 2164 во општина Велес гласач фотографирал гласачко ливче и по реакцијата на Избирачкиот одбор си заминал, но му била задржана личната карта. Повикани се Општинската изборна комисија и полицијата поради што имало прекин на гласањето 40 минути. По нивната интервенција гласањето продолжило.

На гласачкото место 0848 во општина Кочани недостасувале листови од извадокот од избирачкиот список во кои се впишани 90 гласачи. За тоа е известена ОИК и гласањето е се уште во прекин. Прекин во гласањето во општина Кочани има и на гласачките места 0837, 0850 и 0852, поради тоа што на секое од тие гласачки места недостигал по еден лист од избирачкиот список. 

Активистите на МОСТ регистрирале и дека на гласачкото место 0408 во општина Гостивар од петте членови на Избирачкиот одбор само еден член ја носел потребната легитимација, како и дека во гласачкото место 2870 во општина Центар гласањето почнало со 10 минути задоцнување.

Алексов укажа дека во текот на денот ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080 на која ќе можат граѓаните да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес. Доколку граѓаните не се сигурни каде можат да го остварат своето право на глас, со внесување на своите податоци ќе можат да проверат на интернет-страницата www.izbirackispisok.gov.mk.