МОСТ: Низа неправилности – семејно гласање, фотографирање гласачки ливчиња, некористење УВ ламба

Недела, 7 април 2013 – Семејно гласање, фотографирање гласачки ливчиња, некористење УВ ламба и невидливо мастило – се дел од неправилностите кои ги евидентирале набљудувачите на Граѓанската асоцијација МОСТ од почетокот на гласањето за вториот круг на локалните избори, што се одржуваат денеска. На одредени избирачки места е евидентиран прекин на гласањето.

Во гласачкото место 0845 во општина Кочани, гласањето било прекинато од 8:20 до 10:20 часот поради тоа што во Избирачкиот список недостигале 5 листа. Гласањето продолжило откако ОИК донел нов извадок на Избирачкиот список. Гласањето на ова место по 19 часот ќе биде продолжено за два часа, информираше на прес-конференција извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов.

Набљудувачите на МОСТ регистрирале и едночасовен прекин на гласањето на гласачкото место 1734 во општина Струмица, откако гласач при обид да го пушти ливчето во кутијата, го искршил нејзиниот капак. Повикани биле ОИК и полицијата, по увидот капакот бил сменет и е одлучено гласањето по 19 часот да продолжи за 1 час. Пред истото гласачко место региструрани се неколку истрели во воздух.

На гласачкото место 1917 во Велешта, општина Струга, регистрирани се 32 случаи на семејно гласање. На гласачкото место забележано е и присуство на неовластени лица, четири случаи на јавно гласање, како и во три наврати едно исто лице гласало во име на девет други.

Забележани се повеќе случаи на семејно гласање и на гласачки места во Гостивар. На гласачкото место 0510 во таа општина се регистрирани 22 случаи, како и 20 на местото 0434 и 11 на гласачкото место 0506.

Прекин од 40 минути во гласањето е регистрирано и на гласачкото место 0406 општина Гостивар, откако зад параванот било најдено гласачко ливче. Повикана е ОИК и по нивно доаѓање на гласачкото место е разрешен претседателот на избирачкиот одбор. ОИК дала инструкција по завршување на гласањето да се одлучи дали гласачкото ливче ќе биде важечко или не.

На гласачките места 0071 и 0072 во општина Битола, како и 0518 и 0519 во општина Гостивар, членовите на ИО не ги носеле потребните беџови, а на гласачките места 1730 во општина Струмица и 0372 и 0373 во општина Богданци, на глас се читале имињата на гласачите.

На гласачкото место 2573 општина Ѓорче Петров, гласач го сликал ливчето со телефон по што реагирал ИО и ливчињата се прогласени за неважечки, додека на гласачкото место 1949 во општина Тетово, забележани се 18 случаи на некористење УВ ламба, 34 случаи на некористење невидливо мастило, како и 24 случаи на семејно гласање.

Од МОСТ укажуваат дека во текот на денот ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080 на која ќе можат граѓаните да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес. Доколку граѓаните не се сигурни каде можат да го остварат своето право на глас, со внесување на своите податоци ќе можат да проверат на интернет-страницата www.izbirackispisok.gov.mk.