Среда, 24 април 2013 – Американските воени интервенции во Ирак и Авганистан биле мотивот за бомбашките напади на маратонот во Бостон при што загинаа тројца, а беа повредени повеќе од 260 лица, јави „Вашингтон пост“ .
Според извори на „Вашингтон пост“, Џохар Царнаев кој се’ уште е во болница на полицијата и кажал дека нивната акција не е поврзана со никоја терористичка група од странство. Џохар објаснил дека делувале самостојно. Со идеологијата на радикалниот ислам наводно браќата Царнаев се запознале преку Интернет. Џохар Царнаев наводно на полицијата ѝ кажал дека на бомбашкиот напад се решиле поради американските војни во Ирак и во Авганистан.
Истиот извор за Вашингтон пост тврди дека Тамерлан Царнаев и претходно бил испрашуван од ФБИ, и затоа што од Москва стигнале информации дека се стравува дека младиот Чеченец бил во контакт со радикални исламисти за време на посетата на Русија.
Инаку против Џохар Царнаев, е подигнато обвинение за тероризам. Првата расправа судот ќе ја отвори на 30 мај. Во првите изјави тој го обвинил својот починат брат дека ги организирал нападите и наводно бил „мозокот на операцијата“.
Царнаев е обвинет за користење на оружје за масовно уништување, како и за злонамерно уништување на имот, што предизвикало смрт. За овие дела предвидена е смртна казна или доживотен затвор. Во согласност со американските закони државјаните на САД не можат да бидат судени од воени комисии. Поголем број конгресмени побара од администрацијата на Барак Обама на Царнаев да му се суди како на непријателски борец, со цел посилно да му бидат ограничени правата и да се зголеми времето за распит.
Браќата се по потекло од руската автономна Република Чеченија, кои пред да добијат виза за легален престој во САД, извесен период живееле во Турција, а пред речиси една година допатувале во САД и се населиле во градот Кембриџ во американската сојузна држава Масачусетс, чиј главен град е Бостон. Светските медиуми јавуваат дека американски претставници се моментно во Макачкала, главниот град на Дагестан, каде се сретнале со мајката Тамерлан и Џохар Царнаев. Средбата се одржала во локалниот штаб на Руската федерална безбедносна служба. Американската амбасада во Москва потврди дека американски истражни органи биле во Дагестан. Исто така се дознава дека тие разговарале и со таткото на осомничените.
Нападот во Бостон се случи само неколку дена по нападот во Авганистан во кој беа убиени 17 цивили, од кои според „Њујорк тајмс“ 12 биле деца. Авганистанската влада ја обвини ЦИА за нападот, а Агенцијата одби да коментира.